„Бомбите“ на „Ел Чека“ не потекнуваат од СЈО

1115

Новообјавените разговори од Фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека” не потекнуваат од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Со вакво појаснување се јави денеска СЈО, во врска со написите во повеќе медиуми, како и различните толкувања на вчерашната изјава на специјалната јавна обвинителка.

-Ја уверуваме јавноста дека сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. Воедно, при анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, се наведува во појаснувањето.

Во оваа насока, се наведува, повторно потенцираме дека ова Јавно обвинителство ја гарантира единствено безбедноста на сите аудио материјали со кои располага и во оваа прилика, како и повеќе пати досега, ги повикуваме сите субјекти кои поседуваат аудио материјали кои се предмет на незаконско следење на комуникациите истите да ги достават до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Спонзорирано