„ИМПЕРИЈА“ ЗАПОЧНА СО СПОГОДБИ, НО ТАА НЕ Е ЗАВРШЕНА!

986

Самото Јавно обвинителство кажува дека нагодбата на Орце Камчев се однесува на периодот 2004 – 2009 година и дека „за останатиот дел од истражната постапка позната во јавноста како ‘Империја’, во која е опфатен период по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува

 

Љубиша Станковиќ

Многу жолч се излеа вчера по соопштението на Јавното обвинителство со кое се потврдува дека Јордан (Орце) Камчев и Ненад Јосифовиќ се договориле со Обвинителството и дека по уплатата на пет и кусур милиони евра во државниот буџет предметот наречен „Империја“ се затвора.
За волја на вистината на вака лошо толкување на соопштението во многу придонесе и настапот на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, на една телевизија. Имено, „вината“ на Обвинителката Русковска е во тоа што не го појасни ставот и мислењето на Обвинителството, но и поради тоа што кажа дека со нагодбата со Камчев е готова/завршена работа и дека предметот „Империја“ е затворен! Но, нејсе…
Ако бидеме искрени пред самите себе треба да си признаеме дека сме народ кој не сака многу да чита, односно дека од прочитан наслов сакаме да изградиме сопствен став кон нештата, но како што обично бива работите се секогаш некаде внатре во напишаното или се крие меѓу редовите.
Кога зборуваме за „Империја“, (ако внимателно се чита објавеното соопштение на Обвинителството), многу лесно може да констатира дека нагодбата на Орце Камчев се однесува за периодот 2004 – 2009 година што, пак, претпоставува дека тој не се ослободува од натамошен прогон за настани кои се случиле после 2009 година!
Една работа е дали јас лично се согласувам со нагодбата на Камчев со Обвинителството или истата не ми се допаѓа, но она што е битно е дека Јордан Камчев признава вина, дека се согласува да го врати украденото и дека ќе издржува една година затвор!
Признанието на вина на Орце не значи дека само тој се „амнестира“ за стореното. Напротив! Со спогодбата на Орце се опфатени и неовата мајка Ратка, сестра му Кристина, па дури и неговиот покоен татко Илија Камчев, бидејќи сите тие, во одреден период биле на раководни функции во нивните бројни фирми.
Кога веќе ја споменав обвинителката Русковска, нејзе „за кусур“ и го ја земам изјавата дека некако пред време го затвори случајот „Империја“. Не знам како се случи тоа Русковска да констатира дека со нагодбата на Камчев, за него „Империја“ е завршен, бидејќи од она што може да се прочита од соопштението може да се констатира токму спротивното!
Имено, токму во соопштението на Јавното обвинителство децидно е наведено дека: „За останатиот дел од истражната постапка позната во јавноста како ‘Империја’, во која е опфатен период по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува, течат роковите во кои согласно закон обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање на докази. По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука“.​​
Ако вниметелно се прочита овој (последен) пасус од соопштението може да се заклучи дека случајот „Империја“ е жив, односно дека се работи за активен предмет!
Не е тајна дека и потписникот на овие редови е лично заинтересиран за делот од предметот „Империја“, а кој се однесува на „Медиа Принт Македонија“, дотолку повеќе што од денот на отпочнување на кривичната постапка за „МПМ“ поминаа полни пет години, а епилог нема!
Најави за „МПМ“ има, но имајќи го предвид фактот дека како подносител на кривичната пријава против некогашните сопственици и како сведок во постапката која ќе следи не можам да изнесувам работи кои се однесуваат на „МПМ“, но и од почит кон вработените во згаснатите „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“.
Она што можам да го потврдам е тоа дека судење ќе има и на него ќе се појават сите оние кои беа посочени како виновници за крахот на весниците, а тоа значи дека „Империја“ не е предмет кој не е завршен. Вистината е дека „Империја“, вака или онака допрва започнува!

Спонзорирано