ИМА(М) ПРАВДА – ВО КОМШИИ, НЕМА(М) МИР!

1901

Душко Млекарот ќе оди во затвор, затоа што бил на „Шаренара револуција“ и се борел за правда, а Боки 13 ќе оди дома затоа што имал „нарушено здравје“ од стеснетиот желудник! Боки има многу сериозен здравствен проблем, и тоа во време кога од корона дневно заболуваат и по илјада граѓани!

Љубиша Станковиќ

 

Пред многу години, а мислам дека се започна во 2011 година, кога ја баравме вистината за смртта на младиот Матрин Нешковски, имавме само една: да им се стави крај на неправдите! Неколку години подоцна главната парола на ваквото тежнение беше: „Нема правда – нема мир!“
И тогаш, но и сега, знаев да се пошегувам и да кажам дека „правда“ имам во мојата улица, а кога некој ќе ме прашаше како е тоа можно, само кратко ќе одговорев: „Правда ми е комшивка!“
Да, во мојата улица живее и тетка Правда, жена веќе во години, мајка на двајца мои другари – близнаци. Додуша, не сум ја видел одамна, ама па и правдата за која се борев ја нема и тоа во еден многу поширок појас одошто е тоа моето маало!
Не знам како на правдата гледа власта, но знам дека опозицијата не знае ни да гледа. Кај неа е се политички и се е без основ, а богами и без врска.
Почитувам тоа што извршната власт (барем декларативно) не сака да се меша во работата на судската власт, ама во последно време се случија толку работи што ме наведува на размислување, но и на заклучок дека нешто не е како што треба да биде?!
Ај да почнам се ред. Скопска Апелација носи одлука, а за неа информира, демек како што е ред, првостепениот суд. Апелација нема, ама скопскиот Основен суд 1 ќе каже дека нивната одлука за продолжување на притворот на Боки е ништавно, бидејќи повисокиот суд им ја поништил! Добро, нека е така, ама мене ме интересира зошто Боки нема да остане во „Шутка“ и кој ќе проговори за одлуката со која тој си заминува дома?
Она што можеше да се разбере од одбраната на Боки 13 е дека притворот се укинал поради неговата здравствена ситуација?! Значи, ако сакаш естетика на тело и(ли) стеснување на желудник сеедно, тогаш тоа да се нарече „нарушено здравје“?
Во време на светска пандемија од Ковид -19 , кога на дневна основа, кај нас, заболуваат и по илјада лица, да тврдиш дека и Боки е „пацинт“ е чист безобразлук!
Кои беа тие што ја донесоа таквата одлука? Дали ќе се огласат, дали ќе ја елаборираат одлуката?
Среќа моја го знам одговорот на ова прашање! Никој и ништо! Така решил судот, а судска одлука не се коментира! Впрочем, кому денеска му значи нешто тоа што Бојан Јовановски викан Боки 13 е осуден на затворска казџна од 9 ( и со букви: девет) години затвор? Девет години затвор и ниту еден затворски ден! Кому нешто му значи тоа што Боки може да добие уште толку затвор со пресудата која допрва ќе следи за вториот негов процес?
Ова претпоставува дека не мора да се оди во затвор, доколку се милиони евра во прашање?
Прашањето е: Колку милиони евра треба да се украдат или изнудат за да не се оди во затвор?
Се сеќава некој на Катица Јанева? Е, таа, поранешната шефица на СЈО од прв ден е во куќен притвор…Малку Скопје, малку Гевгелија, ама затвор – никако!
И Зоран Милески викан Кичеец е за почит. Си игра со сите како што сака! Милески вели: „Одам во затвор и нема да се жалам на упатниот акт!“, а по два дена ќе каже дека не оди во затвор, оти, сепак, имал поднесено жалба?! Добро, тој ќе одел, ама во Охрид, веројатно заради езерото, климата…
Слична работа има(в)ме и со Орце Камчев и неговата „Империја“! Се работи за човек поради кој претходните тројца се во затвор, но Камчев и неговата дружина си се среќни и весели и што е најбитно – на слобода! Некои од нив и во странство! Нив ќе ги бараме или со примена на Меѓународната правна помош или онака…по селски и брутално, со потерница на Интерпол?
А има некои од нив се фалеле дека ќе биле ослободени од натамошен кривичен прогон, бидејќи тоа им го ветиле „луѓе од власта?!“ Ај, баш, и тоа да го видиме, па да се распрашаме кај власта дали има такви и кои се тие луѓе!
Искрено, јас не знам дали и кој кому нешто му ветил, ама знам дека луѓето што бараа правда, сега ја бараат уште повеќе, оти некако ми стојат како многу разочарани.
Недозволиво е за една власт да се пофали со екстрадиција на лик каков што е Душко Илиевски викан Млекарот, кој, е осуден за настан кој се случи во време кога тој со „Шарените“ ја уриваше власта која ниту сакаше правда, а не дозволуваше да се живее во мир. Ете, сега Душко е екстрадиран, ама не и оние двајца кои се скоро една деценија на Косово и кои се товарат за масакрот кај Смилковското езеро.
Нема екстрадиција за Христо Атанасов и Неџби Хасан, односно за Горан Грујeвски и Никола Бошковски. За нив веќе нема ни елементарна информација!
За оној другиот Никола, Никола Груевски ич муабет не правам, оти тој, се чини, е преголем залак, ама затоа е тука Душко Млекарот! Груевски, секогаш кога има нешто да порача ќе си напише. Некаму му се скрати просторот? Некои од луѓето што ги пренесуваа неговите размисли, од Будимпешта, сега се во владините министерства.
Еј, да! За малку ќе заборавев…Поефтинила судската такса! Сега секој секого може да го тужи! Забава до лудило!

 

Спонзорирано