Има Ката – нема мир, има Боки – нема Тито!

3964

Боки 13 се бори да биде новиот Тито, Катица Јанева се фали со борбата за покачување на плати за цели 35 отсто – и сето ова во завршен збор, кој, пак, завршен збор личи на се само не на нивна одбрана!

 

Љубиша Станковиќ

Многу пати се мислев и се премислував. Мислев дека не е коректно, дека не е човечки, дека не е етички да напишам било што, а што се однесува на Катица Јанева и на нејзиниот пријател Бојан Јовановски – викан Боки 13.
Нешто „од внатре“ ме спречуваше да им се посветам, а знаев дека најповеќе тоа е пишувањeто во пресрет на пресудата за предметот викан „Рекет“. Искрено, не сакав било кој да ме доживива како човек којшто сака да влијае на судската одлука, но кога ги слушнав завршните зборови на Јанева и на Јовановски, се покајав што многу порано не сум седнал да напишам некој збор.
Имено, никој ништо не може да им забележи на Катица и на Боки што се бранат. Тоа е сосема нормално и е во склад со законот, но тоа што го кажуваат ниту има врска со одбрана, ниту има врска со мозокот! Башка муабет е нивото со кое тие се обраќаат до судот!
И додека Боки 13 , со „белото одело“ сонува да биде нов Тито, Катица Јанева тешко дека ќе стигне да се спореди и со Јованка, оти, се чини, дека нејзиниот најголем „дострел“ е плукање по обвинителката Вилма Русковска?
Јовановски не е виновен што не знае ( оти е млад и нормлано е да не памети), но некој требало да му каже дека Тито не се станува со облекување на бел костум, но дека може да се стане, со навршени 50 години, ама дека тоа е период кој може да се совпадне со времето на неговото излегување од затвор, имајќи ги притоа в предвид запретените затворски казни. Јовановски не знае дека „Идризово“ не е затворот „Лепоглава“ и дека таму нема да го најде својот Моша Пијаде…Сакам да кажам, лесно може да се случи Боки да излезе од затвор кога ќе биде на возраст на којашто е сега Катица Јанева, а тоа е многу време и човек лесно може да се демотивира и да ја изгуби амбицијата да биде претседател и на куќен совет.
Кога е Катица во прашање и нејзиниот завршен збор, само навидум таа покажува приземно ниво. Оние кои паметат подолго ќе се сетат дека таа на своја колешка и се обрати со зборовите „ороспијо“ и „гомнарко“, така да кажаните: „недоречени“ и „пијаница“ звучат како ситна навреда, да не кажам како некоја искажана мала шега.
Еден универзитетски професор, за завршниот збор на Јанева ќе рече дека е „демонстрација на безобазие“, а друг нејзин колега, адвокат, ќе предложи завршниот збор на Јанева да се изучува на правниот факултет за да знаат идните правници „каква будала ни била Специјален јавен обвинител“!
Вакви и слични коментари на последнотио обраќање на Јанева до судот има многу и мислам дека не е во ред сите да бидат пренесени, само за да не и одмогнам на обвинетата, но исто така, мислам дека таа требала малку повеќе да се спреми за завршен збор? Беше обвинител и знае што треба да каже и како да се брани. Ете мене, навистина, не ми е јасно кому му оди во прилог кажувањето на Јанева дека Орце Камчев е „дно на дното“? Тоа е нешто што го знаат сите! Не знам на што таа може да се надева, ако лично ја навредува обвинителката Русковска или ако каже дека благодарение на нејзе сега обвинителите имаат 35 отсто повисока плата?
Делата за кои се товарат Јанева и Јовановски се тешки кривични дела, но уште потешко паѓа сознанието дека една ваква обвинителка требало да биде израз на слободата и синоним на борбата за правда. Илјадниците граѓани кои уште со првиот ден од формирањето застанаа зад СЈО не очекуваа дека некоја која е „пис на јазик“ ќе другарува со човек кој никогаш ништо не работел, а располага со милиони и кој само затоа што има „бело одело“ ќе биде нивниот Тито! Конечно, „Бело одело“ е игран филм, со Лазар, ама не Јанев, туку Ристовски и тој филм веќе е прикажан!

Спонзорирано