ЕЛВИН ВЕЛИ: „КЛУЧНО ЗА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА Е ПОДОБРУВАЊЕ НА ТРАНСПРАТЕНОСТА И ОТВОРЕНИОТ ОДНОС КОН ГРАЃАНИТЕ!“

824

ИНТЕРВЈУ: ЕЛВИН ВЕЛИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

 

ЕЛВИН ВЕЛИ: „КЛУЧНО ЗА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА Е ПОДОБРУВАЊЕ НА ТРАНСПРАТЕНОСТА И ОТВОРЕНИОТ ОДНОС КОН ГРАЃАНИТЕ!“

Поминаа нешто повеќе од два месеца од Вашиот избор за претседател на Здружението на Јавни обвинители и за ова кратко време, се чини, како да се обидувате да го приближите Вашето здружение до јавноста?

Да, новите органи на Здружението на јавните обвинители, меѓу кои и јас како претседател, бевме избрани на изборното собрание кое се одржа на 22. декември, минатата година. Всушност, она што си го поставив како прв приоритет е најпрвин да го приближам Здружението до членството, да ја обновам структурата и да ја вратам енергијата во таа организација, а потоа секако и да ја запознаам јавноста со нашите активности, нашите заложби и ставови како јавнообвинителска фела. Сметам дека првите чекори во таа насока се клучни. Затоа тргнавме најпрвин со едно директно обраќање до сите членови, нивно интензивно вклучување во сите активности на Здружението, потоа во обнова на соработката со многу други институции, организации и здруженија и кон промоција на нашите активности во јавноста. Воедно би сакал да напоменам дека во завршна фаза е изготвување на нова веб страна на Здружението со цел приближување на нашите активности до јавноста.

На оваа функција доаѓате по повеќе од една деценија како сте Јавен обвинител. Како го оценувате Вашето досегашно работење и што беше пресудно да се кандирате за член на Извршниот одбор, кој, пак, Ве избра токму Вас за челната позиција во Здружението на јавни обвинители?

Веќе дванаесетта година сум јавен обвинител и оценката за мојата досегашна работа во Вишото јавно обвинителство Скопје би сакал да ја дадат другите – колегите и претпоставените. Јас можам да кажам дека работам посветено и се трудам да ја оправдам довербата и одговорноста која ми е дадена со изборот на јавнообвинителската функција. Истото ќе го правам и како претседател на Здружението. Имено, Здружението на јавните обвинители не е нова организација, постои повеќе од 20 години. Меѓутоа одреден период во изминатите години не беше доволно активна за што постојат повеќе причини. Разговарајќи со колегите сфативме дека ова Здружение ни е потребно, дека јавните обвинители и стручните јавнообвинителски службеници чувствуваат потреба да се идентификуваат со една таква организација која ќе ги застапува нивните ставови и интереси. Мој личен предизвик е таа наша заедничка идеја да ја реализирам.

Сега, кога веќе сте на чело на Здружението на јавни обвинители, можете ли да ни кажете какви се вашите визии во натамошното работење?

Мојата визија за Здружението на јавните обвинители е тоа повторно да стане силна организација која ќе влијае на јакнењето на интегритетот на јавните обвинители, на транспарентноста и отвореноста на Јавното обвинителство, на подобрување на стандардите и условите за работа на јавните обвинители и јавнообвинителските службеници. Имам идеја тоа да биде Здружение кое интензивно ќе соработува со други организации, вклучувајќи ги и стратешките странски партнери кои сакаат да придонесат и активно соработуваат во активностите на ова поле, како и невладиниот сектор кој, исто така, е активен во следење на состојбите во правосудниот систем, а кое здружение ќе биде дел од регионалните и европските мрежи на обвинителски здруженија.

Пред повеќе години Здружението на јавни обвинители оствари плодна соработка со многу еснафски здруженија како од земјите од соседството, така и со државите членки на Европската унија. Дали планирате ваквата соработка да ја вратите на она ниво на којашто беше, односно дали планирате некаков нов пристап во соработката со здруженијата на Јавни обвинители од повеќе земји?

Еден од главните приоритети во мојот мандат и мандатот на Извршниот одбор ќе биде обновување на соработката со останатите еснафски здруженија и организации најпрвин од регионот, а потоа и со истите од земјите членки на ЕУ, бидејќи тесната соработка и размената на практики и искуства е еден од најзначајните предуслови за наша успешна работа на полето на на јакнење на интегритетот на јавните обвинители и подобрување на стандардите и условите за работа на јавните обвинители и јавнообвинителските службеници.

Евидентно е дека малку време по Вашиот избор се обидувате да остварите поблиски односи како со медиумите, така и со целокупната домашна јавност. Дали ваквкиот пристап е само Ваш обид да ги приближите работите, односно да ја урнете таа невидлива бариера која како постои подолго време?

Лично верувам дека таа бариера веќе е урната. Одредени јавни обвинители се’ почесто комуницираат со јавноста, даваат изјави и интервјуа, ги образлагаат своите одлуки и постапувањето во предметите, што пред извесен период беше навистина незамисливо. Се разбира, уште многу треба да се работи за да се дојде до посакуваното ниво. Отворениот однос кон јавноста, транспарентноста и отчетноста се единствениот начин да ја вратиме довербата на граѓаните во нашата работа.

Верувам дека една од интенциите на Здружението на јавни обвинители е и поблиска соработка со медиумите и новинарите, кои, пак, како и Обвинителите со сомнеж и со доза на недоверба ги следат реакциите на Јавните обвинители? Верувате ли дека постои можноста да се гради однос на взаемно почитување, уважување и фер и отворена соработка?

Една од првите работи која ја направивме како Здружение е да иницираме соработка со Здружението на новинари на Македонија. Веќе имавме една средба со претседателот на ЗНМ и членовите на извршната канцеларија, а наскоро ќе одржиме состанок и меѓу извршните и другите органи на двете здруженија. Во последно време преземени се сериозни чекори и од страна на Јавното обвинителство за да се унапреди таа соработка и да се зајакне меѓусебната доверба. Така ОЈО Скопје назначи и посебен обвинител задолжен да го следи постапувањето во предметите поврзани со безбедноста на новинарите и ние како Здружение навистина ја поддржуваме работата на таа обвинителка. Дали ваквите чекори ќе помогнат за јакнење на довербата? Веројатно да, меѓутоа дали се доволни? Сметам дека не се. Взаемното почитување и таа фер соработка треба да се градат на секоја меѓусебна средба, во секој контакт и мора да бидат двострани. Како што јавните обвинители мора да сфатат дека треба да ја почитуваат новинарската професија, да го почитуваат интересот на јавноста изразен низ новинарските прашања, така и новинарите треба да се посветат на објективно и одговорно известување за работата на јавните обвинители и закривичните постапки.

Дали сметате дека Обвинителствата се затворени за јавноста, дотолку повеќе што медиумите од нив очекуваат информации за битни, а не за маргинални случаи кои се активни, иако тука не треба да се исклучи и површноста на новинарите при извествувањето за истите?

Мислам дека делумно на ова одговорив и во претходното прашање. Но, сакам да појаснам една работа. Од аспект на јавното обвинителство нема битни и небитни предмети. Секој предмет е важен и се истражува соодветно. Кога станува збор за информирањето на јавноста, треба да се има в предвид дека јавниот обвинител не може, односно не смее да открива информации во одредени фази од постапката. Предистражните дејствија се тајни. Во истрагата, исто така, е ограничен обемот на информации кои можете да ги изнесете во јавност. Тоа не е затоа што нешто се крие, туку затоа што не смее да и се наштети на постапката. Од друга страна, како јавни обвинители понекогаш сме навистина и разочарани затоа што веќе навистина поретко во медиумите се посветува внимание на истражувачкото новинарство и се појавуваат ситуации кога се прибегнува кон сензационализми и шпекулации, а во едни такви услови ние имаме само уште поголема обврска да ја штитиме тајноста на постапките. И тука влегуваме во еден „магичен круг“ на недоверба.

Меѓутоа убеден сум дека само со заеднички напори оваа ситуација ќе биде надмината бидејќи е и во наш заеднички интерес, но најважно е и во интерес на враќање на довербата во правосудниот систем воопшто.

 

 

Како и судството, така и работата на Јавното обвинителство е со мал процент на доверба во јавноста. Како еден од примерите кој внесе недоверба меѓу граѓаните беше изборот на нов шеф на Осносното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Кој е Вашиот коментар?

Јас кажав и претходно, сметам дека начинот на избор на првиот човек на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е добро поставен, можеби е потребно допрецизирање или доуредување на критериумите и обврските што треба да ги исполни кандидатот во тој период пред изборот. Меѓутоа начинот на избор е сосема во ред. Колегата Абази победи со поддршка од мнозинството јавни обвинители и јас верувам дека многу добро си ја извршува својата функција од моментот кога беше избран. Довербата, односно недовербата во правосудството сметам дека не е резултат на тој избор. Таа е веројатно производ на повеќе фактори и секој од нив ќе треба соодветно да го адресираме во периодот што претстои. Но, она што според мене е клучно за враќање на довербата е подобрување на транспарентноста и отворениот однос кон граѓаните.

(Љ.Станковиќ)

Спонзорирано