Повисокиот суд донел пресуда со која во целост се потврдува одлуката на скопска „единица“, а со која екс-претседателот на Врховниот суд, е осуден на една година и шест месеци затвор кој нема да се изврши доколку во наредните четири години не стори ново кривично дело.
Скопскиот Апелационен суд, како што неофицијално дознава „ПРАВОСУДСТВО.МК“, на почетокот на минатиот месец донел пресуда со која се потврдува дека поранешниот претседател на Врховниот суд на РСМ, Јово Вангеловски, е виновен, односно дека тој ја злоупотребил својата службената положба и овластување.
Имено, повисокиот суд потврдил дека казната од една година и шест месеци, која му е заменета во условна казна доколку во наредните четири години не стори ново кривично дело, донесена во јуни минатата е изречена без какво и да е прекршување на законот. Според наши созанија, Апелациониот суд ги отфрлил жалбите на сега правосилно осудениот Вангеловски и на неговиот бранител, кои освен во печатена форма биле презентирани и на Јавна седница која се одржала на 15. февруари оваа година.
Сега, кога пресудата е правосилна Вангеловски ќе мора, во законски рок, да го плати судскиот паушал, но и трошоците на екс-судијката на Врховниот суд, сега оштетената Лидија Неделкова. Засега останува само непознато дали Неделкова, која и ја пријави злоупотребата на Јово Вангеловски во Јавното обвинителство, ќе побара оштета од осудениот и доколку тоа се случи колкав ќе биде тој износ?
Сепак, она што е битно се однесува на констатациите кои ги донеле и основниот и Апелациониот суд, а тоа е дека Вангеловски не смеел да и го ускрати правото на судијката Неделкова да добие додаток на плата, за ноември 2018 година, дотолку повеќе што во судот со кој во тао време раководел Вангеловски никаде писмено не било заведено нејзино отсуство од работа, односно дека таа ниту користела годишен одмор, ниту боледување, а за неа не се водела никаква дисциплинска постапка! Но, Ваглеловски, на 30. ноември 2018 година, во својство на службено лице, односно како претседател на Врховниот суд на РСМ, донел поединечни решенија за сите судии на Врховниот суд со кои им го утврдил додатокот на плата за ноември во износ од 35 проценти од основната плата. Се работи за додаток за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост, но таков додаток, во изност од 31.839 денари, не утврдил и за Неделкова. Сето ова претпоставува дека одлуката да и го укине додатокот на платата на Неделкова, Вангеловски го сторил на своја рака и од само нему познати причини, а дека тоа е така говори фактот дека токму по негова иницијатива Судскиот совен донесе одлука за нејзино разрешување од судиската функција.
Без оглед на тоа што Вангеловски е осуден со условна казна, лесно може да се случи тој да заврши зад решетки, дотолку повеќе што тој беше осомничен и за злоупотреба на АКМИС системот, односно за злоупотреби на автоматскиот систем на распределба на предмети за работење. Токму овој случај се најде и во извештајот на американскиот Стејт департментот. Инаку, Јово Вангеловски беше еден од оние кои се најде во таканаречените „бомби“ на Зоран Заев. Тој јавно призна дека гласот што се слуша е негов, но она што загрижува е сознанието дека тој по телефон договара судски предмет.
(Љ. Станковиќ)