Една година и осум месеци затвор за Емил Јакимовски

2660

Пред да започне со издржувањето на затворската казна Емил Јакивовски викан „Гусар“ ќе биде сместен во душевната болница во  Бардовци се додека лекарите не констатираат одредени подобрувања

 

На една година и осум месец затвор, кривичниот суд во Скопје, го осуди Емил Јакимовски викан „Гусар“, за загрозување на безбедноста на неговата сопруга и за заканите што тој и ги упатил на новинарката Мери Јордановска.
Јакимовски, кој до неодамна беше вработен во Централниот регистар на РСМ, а поседуваше и неколку он-лајн медиуми, согласно пресудата, останува во притвор се до донесување на правосилна пресуда, но тој нема да замине на издржување на затворската казна, бидејќи најпрво ќе биде упатен во душевната болница во Бардовци. Имено, лекарите ќе ја следат неговата здравствена состојба и доколку има подобрувања тој ќе биде испратен на издржување на затворската казна. Претходно, за него, психијатар-вештак потврди дека Јакимовски има одредено психичко нарушување и дека е можно да го повтори делото.
Некаде кон средината на јануари оваа година новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска пријавија закани од сега осудениот за кого на 25. истиот месец беше поднесено обвинение за кривични дела: загрозување на сигурноста од член 144 став 2 , загрозување при вршење семејно насилство и за кривично дело: загрозување на сигурноста од член 144 став 4 , загрозување по пат на информатички систем. Закани од Јакимовски добила и Марија Бошковска – Јанковски, директорка на Централниот регистар на РСМ и Митко Јанчев, актуелен градоначалник на Кавадарци.
Инаку, при поднесување на обвинителниот акт,за делата за коишто Јакимовски е осуден, Јавното обвинителство информираше дека за него е отворена кривична истрага за сторено кривично дело: неизвршување на судска одлука.

Спонзорирано