ДОСИЕ „ТАЛИР“: КАКО СЕ БОГАТЕЛА ВМРО-ДПМНЕ ЗАПОЧНУВА СУДЕЊЕТО ЗА МИЛИОНИТЕ ЕВРА ПАРТИСКИ ПАРИ, ЗА „БЕЛАТА ПАЛАТА“ И НЕЈЗИНАТА ИЗГРАДБА

865

Во скопскиот кривичен суд утре ќе започне судскиот процес наречен „Талир“. Станува збор за судење со кое се опфатени најголемиот број поранешни високи функционери кои на волшебен начин во новото партиско седиште, често нарекувано „Белата палата“, вшприцале милиони евра, а со државни пари, кои биле „трансферирани“ во патриски средства ВМРО-ДПМНЕ, успелао да купи уште 68 други недвижнини и со тоа да стане најбогата партија во Европа!
„Од причини на целисходност, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела кои потекнуваат и произлегуваат од недозволено следење на комуникациите ја раздвои постапката во предметот ‘Талир’, од кои причини поднесени се две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице-политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, појаснија од СЈО уште во ноември минатата година кога и беа поднесени обвинителните акти.
Во предметот „Талир“ обвинети се бегалецот Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски и Леко Ристоски. Сите тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело. Меѓу обвинетите е Елизабета Чингаровска, но таа многу пред започнувањето на ова судење го призна делото и се согласи да добие казна затвор во траење од две години кој ќе и се замени за условна казна во траење од пет години. За перење пари е обвинета е и ВМРО-ДПМНЕ!
СЈО на обвинетиот Никола Груевски му става на товар дека меѓу 2009 и 2015 година, со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ. Во неговите активности нему му помогнале Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои, во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правни лица кои имале договори за јавни набавки со државни органи, а притисоци се вршеле и врз јавни претпријатија или единици на локална самоуправа.
Обезбедените средства, во готовина, Груевски не им ги вратил на оние од каде што парите доаѓале, односно не ги упатил во државниот Буџет и нс тој начим, незаконски, прибавил средства за финансирање на ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656 денари, односно 4.608.661 евра.
Со намера да се прикрие дека средствата потекнуваат од кривично дело, Груевски и Божиновски, меѓу 2011 и 2015 година, со Миле Јанакиевски и Чингароска, организирале уплата на средствата со готовински уплати во кои се внесувале невистинити податоци, односно дека уплатата ја вршат токму оние лица чии што имиња се наоѓаат на уплатниците.
Обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело ги пуштиле во оптек со потпишување на налози за плаќање на обврски и купување на недвижен имот за ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба овозможиле скопски „Бетон“ да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија.
ВМРо-ДПМНЕ ја искористила состојбата на зависност во која се наоѓал „Бетон“, бидејќи повеќе од 75 отсто од приходите му биле од државни органи, од единици на локална самоуправа или од јавни претпријатија, а сите претставувани и раководени од функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ имало инвестициска вредност од 424.733.242 денари, односно 6.906.231 евра, но и уплати на жиро сметката на партијата износ од 132.573.582 денари, односно 2.155.668 евра, иако вложувањата на ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 50.142.400 денари или 815.323 евра.
На ваков начин била прибавена имотна корист за ВМРО-ДПМНЕ 507.164.424,00 денари или 8.246.576 евра.
На барање на СЈО „белата палата“, но и уште 68 други објекти се „замрзнати“, односно за нив има судска забрана за отуѓување со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп.

Спонзорирано