ОБВИНИТЕЛСТВО: Меѓуинституционална координација за утврдување на причините на автобуската несреќа

421

Заради подобра координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдувањето на причините на автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово, кај село . Ласкарци, а во која животот го загубија 15 патници, беше мотив во скопското Јавно обвинителство се одржа работен состанок на претставници од Обвинителството, од Министерството за внатрешни работи, од Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет и од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.
„Со цел да се обезбеди динамика во утврдувањето на сите релевантни факти и причините кои доведоа до несреќата, Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денешниот ден започна со испитување на очевидците на настанот, а во текот на неделата свој исказ пред надлежен јавен обвинител ќе даде и возачот на автобусот“, велат од Обвинителството од каде и информација дека од МВР е доставена скица, фотодокументација и други писмени прилози, а се чека и на записникот за извршен увид.
Претходно, постапувајќи по првичното известување од Министерството за внатрешни работи доставено во петокот, Обвинителството изготви наредби за обезбедување други писмени докази од „Дурмо-турс“, од сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи. До Институтот за судска медицина се доставени наредби за обдукции на сите починати лица, а од здравствените установи беше побарана комплетната медицинска документација за повредените. Побарани се и листинзите од мобилниот телефон на возачот, а мобилниот телефон ќе се вештачи за да се утврди дали возачот го користел.
До Машинскиот факултет во Скопје била доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата.

Спонзорирано