Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во „Монструм“

264

Министерката за правда Рената Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во случајот „Монструм“ и детално ќе ги информира околу преземените дејствија за екстрадиција на лицата од Косово, информираат од Министерството за правда.

– Министерството за правда чувствува должност подетално да ја информира јавноста околу постапката за екстрадиција на двете осомничени лица во случајот „Монструм“,  Демири и Исмаиловиќ, наведуваат во соопштението.

Оттаму истакнуваат дека во постапката за екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ, Министерството за правда ги прави сите напори двајцата бегалци од правдата да ги донесе во земјава, притоа користејќи ги сите законски можности, но и билателарниот договор со Косово.

Како што појаснуваат, првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година. На 22 јануари 2016 година, Апелацискиот суд на Косово го одбива првото барање за екстрадиција. Откако е комплетиран предметот повторно, од страна на министерката Дескоска е испратено новото барање за екстрадиција, кое Министерството за правда на Косово го имаат примено на 5 септември 2018 година.

– Од поднесувањето на барањето за екстрадиција немаме добиено никаков одговор од  Министерството за правда на Косово. Ни преостанува единствено да испраќа ургенции и да бара од надлежните косовски власти да се произнесат. Вакви ургенции имаме пратено во два наврат -, и тоа на 26 февруари 2019 година, а последната ургенција е испратена на 3 јули оваа година – појаснуваат од Министерството за правда и додаваат дека  очекуваат лицата да бидат екстрадирани и да бидат изнесени пред лицето на правдата.

Пртходно, на почетокот на денешното судско рочиште за „Монструм“, обвинителката Фатиме Фатаи побара одговор од министерката за правда  дали воопшто е побарана екстрадиција за обвинетите Алил Демри Африм Исмаиловиќ, бидејќи, како што рече, цела година судот добива едно исто известување дека постапката е во тек.

Адвокатот на одбраната Насер Рауфи рече дека барањето веќе еднаш е одбиено за екстрадиција и дека нема потреба да се бара повторно. Адвокатката на оштетените пак инфомира дека неколку пати доставиле барање за да бидат известени за екстрадицијата, како и за закажување на седница на Владата со точка на дневен ред за екстрадицијата на двајцата осомничени, но дека до сега не добиле конкретен одговор. Родителите на убиените момчиња, во април 2012 година, кај Смилковско Езеро, побараа средба со министерката за правда и таа да се оствари до одржување на следното рочиште.

Судењето продолжува на 10 октомври со читање на преостанатите СМС пораки кои се доказен материјал предложен од Обвинителството.