Целодневна расправа за имунитетот на Вељаноски

958

Расправата во собраниската Комисија за деловнички и мандатоно имунитетски прашања за одземање на имунитетот на поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски се одложи денеска до доцни вечерни часови. Дискусијата тече во напната атмосфера, така што и во текот на попладневнето имаше препукувања околу оправданоста да му се одземе имунитетот на поранешниот спикдер. Пратениците од опозицијата посочија дека станува збор за политички прогон и негодуваа дека Комисијата одлучува само врз основа на барањето на судот. Истакнаа дека Вељановски со своето однесување не применува постапки кои би укажале дека треба да биде притворен.

Од владеачката коалиција се со став дека Комисијата постапува само по барање на судот.

Жалина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека 27 април е голгота за целата држава и дека мора пратениците да разговараат отворено.

– Делото е неосновано по сите основи. Мерката притвор се злоупотребува, истакна Пешевска. Според неа, законот е контрадикторен и во иднина треба да се интервенира бидејќи, како што рече, се приведуваат пратеници, се прават претреси по куќи и се создава општество со изопачена перцепција. Таа повика да не се одзема имунитетот на Вељаноски и тој да се брани од слобода. Додаде дека овие постапки се начин да се девалвира функцијата пратеник.

Заменик претседателката на Комисијата Снежана Калеска – Ванчева во реплика рече дека токму затоа што 27 април беше голгота за државата и беше посегнато по животите на пратениците, е причина зошто овој парламентарен состав расправа за одземање на имунитет.

– Треба да се откријат организаторите и тие да бидат изнесени пред лицето на правдата. За осуда е тоа што се случи, рече Калеска – Ванчева и додаде дека судската власт ќе оцени дали има можност за поведување постапка.

Според Деловникот за работа, Комисијата, која вчера ја почна расправата, треба да крајот на денов да го разгледа барањето на судот и извештајот да го достави до претседателот на парламентот. По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница, а одлуката за одземањето на имунитетот се носи со минимум 61 глас од вкупниот број пратеници.
Претходно, пратениците од опозицијата реагираа дека ова е осми пат како Комисијата расправа за одземање на имунитет на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и предложија колективно на сите да им биде одземен пратеничкиот имунитет.

– Не се мачете, дајте симнете го имунитетот на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, па во пресрет на предизборието да се пишува за одземен имунитет на опозициски пратеници, изјави Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски, рече дека тоа не може, па дури и сами да побараат одземање, посочувајќи дека Комисијата постапува само по барање на судот.

– Во однос на тоа дека Вељановски бил претседател на Собранието и втор човек во државата, ќе ве потсетам дека имаме поранешен премиер во бегство, така што висината на функцијата не е никаква гаранција, посочи Богоевски.

Спонзорирано