Апелација им ги ублажи казните на Кочан и Авировиќ

657

Апелацискиот суд во Скопје делумно ги уважи пресудите на првостепениот суд за предметот „Труст“ и на обвинетиот Сеад Кочан му ја намали казната од шест на четири години и осум месеци затвор, додека на Василије Авировиќ му е изречена алтернативна мерка условна осуда, така што му се утврдува условна казна затвор во траење од две години што нема да се изврши доколку обвинетиот за време од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

-Апелацискиот суд -Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-1026/18, во јавноста познат како „Труст“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетите Сеад Кочан од Скопје и Василије Авировиќ од Скопје, делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената одлука во делот на казната и обвинетиот Сеад Кочан го осуди на казна затвор во траење од четири години и осум месеци, а на обвинетиот Василије Авировиќ му е изречена алтернативна мерка условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, велат од судот.
Во останатиот дел, Апелацискиот суд во целост ја потврди првостепената пресуда. Кочан и Авировиќ во јули минатата година беа прогласени за виновни во судскиот процес „Труст“, за злоупотреба на јавна набавка.Судскиот процес траеше осум месеци. Кочан и Авировиќ, односно „Трансмет“ и „Силекс неметали“, според СЈО со лажни документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17,3 милиони евра. Во мерѓувреме, во парламентот беа изгласани измени во Кривичниот законик кои овозможуваат пониски казни за делата поврзани со јавни набавки.

Спонзорирано