АМЕРИКАНЦИ И НЕКОИ НОВИ ИНДИЈАНЦИ

949

Мислам дека претходницата само ни го мерела умот и дека во наскоро време ќе следи доаѓање на „главните сили“, а тоа, за наша (не)среќа, треба да значи дека правосудниот систем ќе биде „под лед“ и дека ќе почне да се постапува на начин кој тие ќе го одредат

Љубиша Станковиќ

Некако како со олеснување ја примивме веста дека тимот на истражители од САД, којшто минатата недела престојуваше во земјава, си заминал. На моменти се стекнува впечаток дека нивното заминување е своевиден триумф на нашата правна држава над дојденците кои за почеток само кажаа дека состојбите со кримиалот и корупцијата ни се на завидно ниво и дека она малку што е сработено е лошо сработено.
Лично, немам дилеми дека ваквиот триумфализам е лош и е контрапродуктивен за целокупниот општествен систем, но се’ уште немам одговор на прашањето: зошто никој од надлежните не кажа ништо поконкретно за „посетата“ на Америкаците на земјава?
Верувам дека ќе има и такви кои ќе се запрашаат зошто коментарот сум го насловил како „Американци и Индијанци, па ред е тоа и малку да го дообјаснам. Имено, секој еден кој знае барем малку за освојувањето на територии и за честите војни помеѓу белите доселеници на Амерка со домородното население, односно со Индијанците, знае дека Владата во Вашингтон редовно испраќала емисари кои освен што преговарале вршеле и „увид на теренот“, па доколку преговорите пропаднат се преоѓало на втора фаза, односно на доведување во ред на се она што не чини. Значи и ќе имаме Американци, а кои ќе бидат новите Индијанци… и тоа ќе се знае наскоро!
На мислење сум дека претходницата само ни го мерела умот и дека во наскоро време ќе следи доаѓањето на „главните сили“, а тоа, за наша (не)среќа, треба да значи дека правосудниот систем ќе биде „под лед“ и дека ќе почне да се постапува на начин кој ќе го одредат Американците.
Не ми е познато дали при минатонеделната посета Американците лицитирале со имиња на личности кои ќе бидат предмет на нивна обработка, но да бидам искрен и не верувам во такво нешто, бидејќи би било глупаво уште сега да им се даде време на потенцијално осомничените да го покријат својот криминал?!
Она во што верувам е дека кога следниот пат ќе се вратат ќе биде многу, многу болно за некои ликови, дотолку повеќе што САД нема да си дозволи уште еден кикс каков што беше оној со формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Искрено, мене многу ме радува фактот дека оние кои дојдоа и оние кои допрва ќе дојдат се луѓе од американското Мнистерство за финансии, бидејќи од нив во САД стравуваат сите, па дури и најтајните разузнавачки агенции. Мислам дека доколку Америкците навистина сакаат да го сузбијат криминалот и корупцијата кај нас, тогаш приказната со Елиот Нес ќе биде обичен „цртан филм“ или што би рекол Миле наш: „Че има вришчење, пишчење!“
Од американскиот тим очекувам да апси и да притвора, но не очекувам дека некому ќе треба да му се правдаат и да ги појаснуваат своите постапки, бидејќи сакам да верувам дека се’ ќе биде поткрепено со докази, а доказите ќе бидат презентирани во судница.
Сепак, она што ме непријатно ме изненади беше (или можеби не беше) реакцијата на Советот на јавни обвинител и на Судскиот совет.
Од овие две „еснафски здруженија“, во најмала рака, очекував дека ќе го поздрават доаѓањето на Американците и дека јасно и недвосмилено ќе потврдат дека ќе се стават на располгање, ама кога ќе се сетам дека тие со години фунционираат во молк, се разбира освен кога ќе им се случи некој скандал, тогаш и не треба да зачудува нивното однесување.
Како и да е нашиот правосуден систем, благо кажано, ќе биде суспендиран, (а актуелниот министер за Правда и онака има укор од Владата) што, пак, отвора шанса оние осум проценти доверба во судството да пораснат повеќекратно.
Претходница дојде и си замина, сега се чека на „главните трупи“ и на освојување на правото и правдата.

Спонзорирано