АФЕРА „РЕКЕТ“ ИЛИ ПАРИ ЗА ДВЕ ШИШИЊА!

2966

Да беше Орце Камчев малку подосетлив ќе побараше од Срѓан Керим да му спакува 1,5 милиони во две пластични шишиња, оти само тој, како негов поранешен партнер, знае како да стави 750.000 евра во шише!

Снимки – пари, пари – снимки! Цели две недели се изнаслушавме за пари, главно изнудени, но и за снимки кои потврдуваат дека со многу пари може и судот да ти го врати пасошот, а може и да ти се запре кривична постапка. Несомнено, дека главни ликови во оваа, најнова, финансиска ујдурма се Бојан Јовановски познат и како „Боки 13“ и Зоран Милевски викан Зоки Кичеец. Боки 13 од „мали нозе“ сакал да биде голем. Со отворањето на 1ТВ и парите што ги фрла за вработените ( и за хонорарците) Боки како да сакаше да покаже дека не само што пораснал, туку и дека умее да смета и пресметува до осум милиони! Во евра, секако… Да сме нормално општество Боки 13 никој не би го есапел за жив, но ние се уште се занимаваме со неговите долгувања, бегства во соседството, со неговот „фетиш“ – женски чанти и со неговото сопствеништво во електронски медиум во кој се собраа познати новинарски имиња. Боки 13 не ги прелажа со големи износи на пари! Тие се помамија за пари. Кој знае? Можеби и не е така, ама ете, нив ги нема и ништо не може да се потврди! Како и да е, она што е фасцинантно во случајот „Рекет“ се две проценки на Боки 13: Првата е дека за 1,5 милиони евра може да обезбеди враќање на пасош, а втората е дека за дополнителни 6,5 милиони евра може да влијае врз една голема истрага! Како Боки проценил дека Орце ( Камчев) е подготвен да плати не три, не пет или 13 туку осум милиони евра останува тајна, но за почит е тоа што Боки 13 си ја знае точна цена и си бара токму осум милиони евра. За мене најголемо разочарување во случајот „Рекет“ ми е самиот Орце Камчев и тоа од повеќе причини. Главното разочарување е тоа што се спуштил на ниво на Боки 13 и од него очекува (за осум милиони евра) да му ја затвори истрагата за случајот „Империја“. Второто големо разочарување е што првите испорачани 1,5 милиони евра биле ставени во скапа патничка торба од марката „Луј Витон“. Имено, Камчев, да бил малку порационален ќе побарал од Срѓан Керим да му ги спакува овие пари во две пластични шишиња. Сите знаеме дека само Керим може да смести 750.000 евра во пластично шише од еден ипол литар. Третото и најголемо разочарување од Камчев е неговата манија за снимање. Сега после сѐ би сакал да го видам тој судија или обвинител кој ќе седне со него и ќе договара било што! Камчев се зезна! За навек! Инаку нему снимањето не му е нешто ново и непознато! „Легендата“ вели дека уште од крајот на 2001 и на почетокот на 2002 година плаќал за снимки и фотографии. Се зборува дека и тогаш нешто се следело, но за тоа нема докази, како што нема фотографии и видео снимки.
Е, Орце Камчев! Да беше паметен, за малку пари, колку што им должеше на вработените во МПМ ќе си имаше цел куп печатени и он-лајн медиуми, но ти ги уништи и сега ќе плаќаш!
Епа плаќај!