Полицијата, при претрес на една локација, затекнала и привела шест членови на криминалната група и 25 жртви, а на втората локација еден член на групата и 10 жртви. Детектирани биле уште две лица кои биле сместени во еден скопски хотел и уште четири жртви кои биле сместени во друг хотел
Јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во соработка и координација со Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе и Истражното биро на Министерството за правда на Тајван пресече меѓународен канал за трговија со луѓе.
„Постапувајќи по замолница за меѓународна правна помош од Тајван, преку ‘Еуроправда’, на почетокот на овој месец, е спроведена акција во која се пронајдени 48 лица од Тајван од кои седум лица се организатори – припадници на криминална група, а останатите потенцијални жртви на трговија со луѓе. Во акцијата се извршени претреси на две локации во населбата Бардовци, каде што се пронајдени 42 лица. Четири лица – организатори и предмети се пронајдени во два хотела во Скопје, а двајца од организаторите се лишени од слобода на Граничниот премин Блаце при обид да ја напуштат државата. По пронаоѓањето, до вчера лицата беа сместени во Прифатен центар за странци во Скопје“, се вели во соопштението на Обвинитрлството.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција имал онлајн состанок со негов колега од Тајван. На состанокот било кажано дека, во Тајван, за организаторите на групата се води истрага за измама и за перење пари.
Криминалната група, наречена „Синдикати“, врбувала лица од Тајван на кои им ветувала подобра работа и поквалитетен живот. За да ги средат процедурите за патување тие на жртвите им ги одземале пасошите , а подоцна им биле одземани и мобилните телефони. Жртвите биле сместувани по куќи, а биле придружувани од некој од организаторите кои требало да ги спречат да остваруваат контакти. Задача на жртвите била преку брз интернет да воспоставуваат контакти со потенцијални жртви на финансиска измама. Тие биле поделени во три групи како телефонски оператори што работеле на три нивоа. „Операторите“ во првото ниво на жртвите со кои комуницирале, се претставувале како службеници во банка, поштенска служба или осигурителна компанија. Во второто ниво, со цел да прибават целосни лични податоци, се претставувале како полициски службеници и барале доказ од жртвите за извршена уплата на измислена казна врз основа на која ги краделе личните податоци на жртвите. „Операторите“ од третото ниво претставувајќи се како обвинители и судии, ги убедувале целните жртви дека ќе се соочат со тешки обвиненија доколку не соработуваат и не префрлат одреден износ на парични средства на сметки што биле наменети за наводно намалување, односно ослободување од казната.
Во текот на вчерашниот ден, сите 48 лица биле вратени во Тајван, заедно со целопупниот доказен материјал.





