ЗА ВРХОВНИОТ СУД И НЕГОВИОТ ИНТЕГРИТЕТ

3380

Врховниот суд, по предлог на разрешен судија (Јово Вангеловски) требало да расправа за разрешување на друг судија ( Лидија Неделкова), а ќе одлучува судија (Џемаили Саити) кој не можел да положи тест за интегритет!

Љубиша Станковиќ

Не знам точно дали требаше да се случи во вторникот или во средата што е зад нас, ама знам дека Совет на Врховниот суд требаше да расправа по жалбата на Лидија Неделкова, која со одлука на Судскиот совет на РСМ беше разрешена од судиската функција.
И како што обично бива кај нас седницата не се одржала од банална причина, односно поради тоа што судот извршил неуредна достава на покана и тоа токму кон самата Неделкова. Кога велам банална причина, всушност мислам дека не е можно Врховниот суд да не ја знае адресата на својата довчерашана колешка и претседателка и да ја утне доставата.
Случајот е таков што лично ја засега самата Неделкова, но ако ги оставиме не страна поканите за присуство на седница на која ќе расправа Желбен совет, доаѓаме до тоа дека она за што ќе се расправа е иницирано од Јово Вангеловски. За оние кои имаат кратко памтење тоа е човекот кој во два наврата беше претседател на Врховниот суд, кој кажа дека разговарал по телефон за предмет, дека гласот што се слуша на една аудио снимка е негов. Вангеловски е човекот кој процени дека не е никаков проблем што Сеад Кочан го немаше со месеци, но дека тоа не е никаква причина да му се изрече мерка притвор и кој, заедно со Владимир Панчевски, беше посочен како некој кој го злоупотребувал системот АКМИС!
Е токму тој, Јово Вангеловски, поднесува иницијатива до Судскиот совет за разрешување на неговата колешка Лидија Неделкова со која како да е влезен во некоја приватна војна. А токму поради сторена злоупотреба на средства коишто требаше да и припаднат на спометата тој заврши на суд каде одговара за сторена злоупотреба на службена положба.
Суштината на новонастантиот проблем не треба да се бара во тоа дали Неделкова заслужила да биде разрешена или не, туку во тоа дали Судскиот совет смеел да отпочне било каква постапка, за било кој судија, а по предлог Вангеловски!
Судскиот совет требало да има на ум дека токму тие го разрешија Вангеловски од судиската функција поради сторени неправиолности во работењето, а требале и да се сетат дека една поранрешна слична иницијатива на Вангеловски заврши со „дебакл“ во Европскиот суд за човекови права, односно со рехабилитација на судијата и со резил за државата.
Верувам дека државата не сака уште еден изгубен процес во ЕСЧП и нов срам!
Како што сега стојат работите сега на потег е Жалбениот совет на Врховниот суд! Иако сите се надеваме и очекуваме судот да покаже интегритет, сепак, има многу скепса, песимизам и верување дека ништо нема да се промени во смисла на сегашниот статус на Неделкова?!
А кога веќе го споменав интегритетот на Врховниот суд не можам, а да не споменам два битни момента. Првиот се однесува на судот кој беше споменат од Дражавниот завод за ревизија (ДЗР) и неговите забелешки за АКМИС системот, а вториот се однесува на судијата Џемаили Саити, кој, како што пишуваа некои медиуми, не успеал да го положи тестот за интегригритет. Некој ќе рече дека секому може да му се случи да не положи, па и на споменатиот судија, кој веќе неколку години наназад е и претседател на Здружението на судии, но проблемот е во тоа што Саити најверојатно ќе се најде не само во Жалбениот совет кој ќе и ・суди・ не само на Лидија Неделкова, туку можеби и на некои други судии?!
Патем, тој е доктор по правни науки, а не по други науки.
Сето наведебно претпоставува една чудна ситуација, односно имаме предлог на разрешен судија (Јово Вангеловски) да се расправа за разрешување на друг судија (Лидија Неделкова ), а ќе одлучува судија (ЏемаилиСаити),кој не можел да положи тест за интегритет.

Во овој случај не треба да се бараат „навивачи“・за овој или оној судија. Овде само може да се констатира дека во Врховниот суд не се сменило ништо уште од времето на Вангеловски!

Спонзорирано