Со обвинителниот предлог опфатени се десетмина вработени во Одделението за управни работи при МВР и едно цивилно лице кое се води како недиостапно, но е обвинето за поттикнување
Скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог за 11 лица кои се товарат за злоупотреби при издавањето на патни исправи.
Десетмина од обвинетите се обвинети за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а еден за поттикнување.
Обвинетите, инаку службени лица вработени во Одделението за управни работи на МВР, а поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен на органите на прогон, од средината на јуни 2017 до крајот на минатата година, во повеќе наврати со умисла извршиле повеќе поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Имено, тие, со искористување на службенатс положба и овластување, прибавиле материјална корист, изработувајќи лажни јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински, со употреба на податоци од други на лица, а кои не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа.
Обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет. Пасошите биле издавани заобиколувајќи ја постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи, спротивно на Упатството за начините на спроведување на постапката за издавање на патна исправа, во најголем број случаи без закажан термин за фотографирање преку систем ‘Симболико’, без проверка на идентитет на подносителот на барањето со постоечките податоци во централниот систем, спротивно на Упатството за земање на биометриски податоци и приложени докази и соодветност на податоците кон барањето, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање на патни исправи и утврдување на идентитетот на подносителот на барањето.
Обвинителството, за седуммина од обвинетите, меѓу кои и недостапниот Мифтари, бара продолжување на веќе изречената мерка притвор.
Од обвинителството велат дека продолжуваат да го истражуваат случајот, односно евентуална вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи.





