Обвинителството бара притвор за креаторот и администраторот на „Јавна соба“

1113

Скопското јавно обвинителство во текот на вчерашниот ден до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за лишување од слобода на две лица: креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. Полицијата постапила по наредбата и лицата се лишени од слобода, а веќе денеска Јавен обвинител донел наредба за спроведување истрага за кривично дело: производство и дистрибуција на детска порнографија, според член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Во периодот од 19. декември 2019 до 28. јанувари 2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата, но тие, со умисла, дозволиле на групата да се направи достапна содржина аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, велат од Обвинителството и потврдуваат дека за нив е побарана мерка притвор. Оттаму и информација дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до МВР. Инаку, поради чуствителноста на случајот, како и поради тајноста на предистражната постапка, Обвинителството не е во можност да споделува информации со јавноста.
„Во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата ‘Јавна соба’, на мрежата Телеграм, и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности. Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела. МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност, а кога тоа го пропишува Законот за кривична постапка, и по наредба и барање на јавниот обвинител“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство, кое истакнува дека ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со нови кривични дела: „демнење“и „сексуално вознемирување“.

Спонзорирано