АКО Е ЈОВО, (НЕ)МОРА ДА Е ПРЕВАРА!

1498

Познат по тоа дека во „бомбите“ се слуша неговиот глас како договора предмет со Антонио Милошоски, дека нешто „чепкал“ околу АКМИС-от, дека „му се најде“ на Сеад Кочан, дека му е кум на обвинетиот Трајко Вељаноски и дека е на „линија“ со бегалецот Никола Груевски, Јово Вангеловски и натаму продолжува да ја шокира јавноста, но и мошне умешно да игра со неа

Љубиша Станковиќ

Една, само навидум небитна, информација ми го привлече вниманието и со мислите ме наврати на Јово Вангеловски, од времето кога тој беше претседател на на Врховниот суд.
Имено, некаде прочитав дека на судењето кое се води против него Вангеловски, наводно, поканил новинари да присуствуваат и да го следат судскиот процес. „Поканата“ за присуство којашто Вангеловски им ја упатил на новинарите ме потести на еден друг случај, од пред неколку години, кога тој, по втор пат, беше иабран за претседател на највисокиот суд.
Чинам дека настанот се случи во првите месеци од годината кога јас јас го летниот одмор од претходната календарска година. Тогаш, од Врховниот суд, а во името на Јово Вангеловски, дојде покана за „работен појадок“ со новинари. Појадокот, пардон, „неврзаното дружење“ беше закажано за в хотел „Парк“, а од Врховен навистина беа крајно внимателни кон (поканетите) новинари, па ги прашуваа и што би сакале за појадок.
Како и да е, никому не му претставуваше проблем што тие денови бев на „летен одмор“, а и јас самиот бев на два ума и се мислев: Дали е в ред да се оди, кога веќе не сум на работа или да останам доследен и да го испочитувам старо-новиот претседател? На крајот, одлучив да одам, бидејќи имав некакво чудно претчуство, а да бидам искрен, очекував од Вангеловски малку „да ни го мери умот“, а малку и да ни пушти некоја порака! Да бидам искрен, токму поради тоа што дојде покана од него, за мене беше предизвик, бидејќи Јово Вангеловски знае да игра со новинарите!
Вангеловски е секогаш е подготвен да се јави на телефонски повик и со тоа да покаже одредена кооперативност, но тој не секогаш е спремен да даде и валидна информација.
Предизвик да се присуствува на „работниот појадок“ не беше тоа што такво нешто им се случува на новинарите за прв пат, туку поради тоа што таа средба дојде по неговото (само)признание дека во една од таканарешените „бомби“, кои во тоа време ги објавуваше тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, се слушна и гласот на Вангеловски. За оние кои можеби заборавиле, во еден снимен разговор, се слуша гласот на Вангеловски и како со Антонио Милошоски договара судски предмет. Снимката беше и се’ уште е шокантна, но она што ја шокира целокупната јавност беше леснотијата со која Вангеловски, од позиција на претседател на Врховниот суд, јавно призна дека тоа е неговиот глас. Потврда за снимката, односно за неговиот глас, имаше и на „работниот појадок“, на кое се зборуваше, односно беше прашуван за неговото кумство со сега обвинетиот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Вангеловски, се сеќавам, делуваше опуштено. Тој со насмевка и понуди на една помлада колешка, кога ќе се мажи, да и биде кум.
Порака од него немаше! Сепак, после се, чинам дека самата средба беше порака, оти допрва следуваа настани?! Неколку месеци по оваа средба, Вангеловски повторно ќе се најде во средиштето на случувањата. Тој ќе биде најчесто споменуваниот по одлуката на Врховниот суд да не му се изрече мерка притвор на Сеад Кочан, за кого со месеци не се знаеше каде е, иако имаше забрана за напуштање на државата и обврска да се јавува во скопскиот кривичен суд. Вангеловски не се „претргна“ во објаснувањата поврзани со непритворањето на Кочан. Тој не само што успеа да се извлече од настанатиот хаос, туку и остана да раководи со Врховниот суд и да носи нови одлуки.
Дека е вешт во во своите „маневери“ со медиумите Вангеловски ми потвди пред две-три години кога договоривме интервју, но никогаш не го реализиравме. До првото одлагање на инетрвјуто дојде поради негова, (убава) семејна причина, но од тој момент тој веќе не одговораше на телефонски повици. Веројатно направил некаква проценка и одлучил да се повлече?

Не ми е право што не успеав да го прашам за неговата иницијатива за разрешување на поранешиот претседател на скопска Апелацвија, судијата Јордан Митриновски и за одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), со која се наложи негово враќање на работа и тоа на позицијата од каде тој беше сменет. Навистина сакав (и се уште сакам) да знам дали Митриновски морал да појде во Владатата, на средба со Никола Груевски, само затоа што бил клеветен?
Колку што ми е мене познато Јордан Митриновски дочека пензија и освен морална сатифакција од судот во Стразбур, се уште чека Судскиот совет да потврди дека Вангеловски згрешил кога побарал негово разрешување.
Сега, Јово Вангеловски е во „судир“ со неговата колешка Лидија Неделкова. Неделкова, успеа да докаже дека неправедно била изоставена кога се имало зголемување на платите, а сега за тоа му се суди на Вангеловски!
Не знам каков ќе биде исходот и не сакам ништо да прејудицирам, ама посакувам, за следното рочиште, и јас да бидам поканет!

Спонзорирано