Владата соопшти дека се поднесени 114 кривични пријави за можно ширење на КОВИД -19

1676

По критиките за политиката на Чулев на неказнување, МВР конечно почна да презема мерки за санкционирање на оние кои не ги почитуваат рестрикциите

 

На денешната редовна седница, Владата ја разгледала информацијата за активностите на Министерството за внатрешни работи и на инспекциските служби за контролите и постапувањата во однос на спроведувањето на мерките за справување со коронавирусот за време на тековниот продолжен викенд.
Според информациите од МВР, како што соопштија од Владата, во текот на денот биле поднесени 114 кривични пријави, по член 206 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, како и 451 прекршочна пријава по членот 6 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето на КОВИД -19 и заштита на населението за време на вонредна состојба.

Припадниците на МВР во текот на денот извршиле контроли и на лицата кои се во самоизолација, а Владата била информирана дека во текот на наредните два дена ќе биде зголемен бројот на припадниците на Министерството на терен, особено во туристичките дестинации во земјата. Во текот на денешниот ден, Државниот пазарен инспекторат поднел 4 кривични пријави по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, од кои 2 се поднесени во Дојран, а по една во Струмица и во Битола. Државниот пазарен инспекторат денеска поднел и 12 прекршочни пријави.
Државниот трудов инспекторат, во координација со полицијата, денеска направил засилени контроли на подрачјето на општина Штип, каде што Главниот координативен кризен штаб забрани работа на текстилните и кожарските фабрики за време на продолжениот викенд. Од надзорите е утврдено дека компаниите од овие две дејности во Штип целосно ја почитувале забраната, а со засилени контроли инспекторите на трудовиот инспекторат во производствените капацитети низ државата проверуваа дали се почитуваат протоколите за заштита на работниците.

Владата, како што се соопштува, ги задолжи полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките за спречување на ширење на коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните.

Спонзорирано