Повикување на распит на четворица вработени во Министерството за внатрешни работи во Основното јавно обвинитество за гонење организиран криминал и корупција беше сосема доволен мотив за реакција на оваа институција, од каде потврдуваат дека постојат основани сомневања дека имело протекување на материјали обезбедени со примена на таканаречените посебни истражни мерки. Имено, обвинителство веќе презема одреденми дејствија во предистражна постапка, а се со цел да ги открие сторителите и да се обезбедат докази.
„Во текот на вчерашниот ден беа повикани четири лица, вработени во Министерството за внатрешни работи, во својство на сведоци. Лицата уредно се одзваа на поканата и дадоа свои искази пред јавен обвинител од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, официјално потврдуваат од Обвинителството и потсетуваат дека минатиот месец во некои медиуми беше објавена снимка која претставува материјален доказ, прибавен со примена на ПИ-мерки. „Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на одговорните лица и расветлување на настанот го анализираше објавениот материјал, по што го извести обвинителството за понатамошно постапување“, велат од Обвинителствтото за гонење на организиран криминал и потврдуваат дека надлежен обвинител ги повикал лицата што во времето на спроведување на мерката, во 2014 година, биле одговорни за снимката, а откако тие биле сослушани им биле одземени мобилните телефони. Во меѓувреме е донесена наредба за вештачење на четирите мобилни телефони, а во период кој ќе следи на распит ќе бидат повикани и други лица кои ќе треба да помогнат во расветлувањето на случајот, односно да се утврди како се случило снимката да заврши во медиуми.
Од Јавното обвинителство и потсетување дека Посебните истражни мерки спаѓаат во класифицирани информации со законски одреден степен на класификација: „строго доверливо“ и секое нивно објавување претставува кривично дело „оддавање на службена тајна“, предвидено и казниво по член 360 од Кривичниот законик.
Одавање службена тајна
Член 360
(1) Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците што претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.
(2) Ако делото од став 1 е сторено од користољубие или заради користење на податоците во странство, сторителот ќе се казни со затвор најмалку една година.
(3) Ако делото од став 1 е сторено од небрежност сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(4) Како службена тајна се сметаат податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донасени врз основа на закон кое прогласени како службена тајна и чие откривање има или може да има штетни последици за службата.