Полицијата запленила компјутери, брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела, а од Зоран Милески и поголемо количество на оружје и муниција
Тим од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден, па се раните утрински часови вршеше претреси на неколку локации, а со цел прибирање на материјални докази поврзани со осомничените во случајот: примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси од казнено дело.
„Како што веќе обвинителството информираше, извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел во едно правно лице, воедно извршен е претрес и во домот на второосомничениот, како и во возилата што ги управувале“, велат од Обвинителството и потврдува дека при претресите е прибран броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење.
„Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички , како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола“, велат од Јавното обвинителство.
Оттаму велат дека поради обемноста на материјалот , записниците за одземени предмети се уште се подготвуваат и во моментов обвинителството не може да соопшти детали. Обвинителството ја известува јавноста дека до овој момент надлежниот обвинител немал разговори со други лица, иако имаше одредени шпекулации дека на информативен разговор биле повикани неколкумина сведоци.
Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството, колку што тоа дозволува истрагата, континуирано ќе информира за преземените дејствија.