Пропадна уште еден обид за договор за СЈО

1142

Работните групи на власта и опозицијата и денеска не успеаја да се усогласат околу законот за јавното обвинителство со кој треба да се реши статусот на СЈО. Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска, по состанокот, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ го прекршила првиот договор – да достави конкретни амандмани.

-Наместо тоа, добивме еден материјал со меѓународни документи што наводно не биле имплементирани. Сите документи што се наведени, а кои се однесуваат на Обвинителството се имплементирани во овој закон, а дел се во Законот за кривична постапка и во Кодексот на јавните обвинители. Има и еден документ што воопшто не се однесува на Обвинителството, туку на јавни службеници, изјави Дескоска.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека биле наброени три точки за имплементација на 15 резолуции што треба да бидат прифатени во овој закон, а, кои, како што рече, се по меѓународни стандарди.

-Ние би сакале прво да слушнеме од министерката за правда дека ги прифаќа принципите и начелата што ги предложивме и оние што се востановени како судска пракса од Судот во Стразбур. Цениме дека секој обвинител кој во моментов работи во СЈО треба да има еднакво право како секој обвинител кој работи во основно или во Републичкото обвинителство да конкурира и според мерит-систем на вредности да биде избран или да не биде избран како дел од тоа специјално одделение во државното обвинителство, рече Милошоски.

Од ДУИ, која е дел од владеачката коалиција, велат дека го прифаќаат законот каков што е предложен од Министерството за правда.

-Напорите за постигнување консензуално решение по тој текст на предлог-законот треба да продолжат и убеден сум дека и опозицијата ќе се најде себеси во нашите конструктивни напори да го усвоиме законот и да обезбедиме непречен пристап кон почнување преговори со ЕУ во јуни, изјави Груби.

На прашање ќе биде потребна дипломатска интервенција, со оглед дека овој закон е еден од клучните за добивање позитивна препорака за земјава, министерката Дескоска истакна дека не се исклучува „секоја помош што е добронамерна за доброто на иднината“.
Владејачкото мнозинство очекува законот за јавното обвинителство да биде донесен до крајот на март, односно пред почетокот на кампањата за претседатеските избори. Тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ во јуни.

Спонзорирано