Јавното обвинителство го добило вештиот наод и мислењето од Машинскиот факултет за техничката исправност на автобусот, како и вештиот наод на Електротехничкиот факултет за функционирањето на тахографот, а кое се однесува за автобусот на Дурмо трус што се преврте при што загинаа 15 луѓе. Од обввинителството посочуваат дека очекуваат да го добијат и извештајот од сообраќајно-техничкото вештачење што го вршат стручни лица од бирото за судски вештачења.
При та потенцираат дека во оваа фаза од постапката, не се во можност да споделат со јавноста детали од исказите на сведоците дадени пред надлежниот јавен обвинител, како и од содржината на изготвените вештачења и другите прибрани материјални докази, бидејќи согласно член 289 од законот за кривична постапка,сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.
Дополнително, по наредба на јавниот обвинител, изготвено е медицинско вештачење за здравствената состојба на возачот на автобусот. Испитани се повеќе сведоци, меѓу кои и сите патници чија здравствена состојба до овој момент дозволува да дадат свој исказ пред надлежниот јавен обвинител, пристигнати се обдукциските протоколи за починатите лица, а во тек е обезбедувањето на медицинската документација за повредените во несреќата, наведуваат од Јавното обвинителство.