ВРХОВНИОТ СУД ГИ ОТФРЛИ ПРИГОВОРИТЕ – ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ ЗАМИНУВА ВО ЗАТВОР

743

Поранешниот судија и претседател на скопскиот кривичен суд, Владимир Панчевски ги исцрпи сите правни можности за да го избегне заминувањето во затвор поради сторени злоупотреби на службената положба и овластување!
Имено, Врховниот суд на Република Северна Македонија потврди дека ги отфрлил сите негови барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда што подразбира дека Панчевски ги искористи сите редовни и вонредни правни лекови.
Насловено како: Соопштение за јавноста во врска со поднесените барања од Владимир Панчевски, највисокиот суд кусо информира дека: „Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на ден 13.07.2022 година постапуваше по предметот Квп2.бр.106/22, оформен по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда од осудениот Владимир Панчевски од Скопје, лично и преку неговиот бранител и одлучи барањата да се одбијат“.
Одлуката на Врховниот суд доаѓа само еден месец по пресудата на скопска Апелација со која беше потврдена првостепената одлука изречена од судот во Велес, а со која Владимир Панчевски беше осуден на затворска казна во траење од 2,6 години.
Како што е веќе познато Владимир Панчевски беше обвиет за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека ја злоупотребил позицијата претседател на скопска „единица“ со тоа што тој го избегнувал системот АКМИС и предметите им ги делен на рака на оние судии коишто тој самиот ќе ги одберел. Според обвинението Панчевски тоа го правел од 23. јануари 2013 па се’ до 14. септември 2016 година, а во тој временски интервал, со негов потпис, на судиите им доделил за работа дури 45 судски предмети.
Првично Панчевски беше осуден на казна затвор во траење од три години и шест месеци, но Апелациониот суд во Скопје му ја намали казната за една година. Само десетина дена по неговото заминување во затвор тој поднесе приговор до Врховиот суд заради наводно непочитување на Европската конвенција, односно дека му било ускратено правото да присуствува на Јавна седница во Апелациониот суд. Пред нешто повеќе од четири месеци судечки совет во состав: Сафет Кадрии, како претседател и судиите Фаик Арслани, Џемаили Саити, Африм Фидани и судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, донесе одлука со која беа укинати двете изречени пресуди. Тогаш Врховниот суд ценел дека бил прекршен членот 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права.

Спонзорирано