Во дом на скопјанец откриени дрога и оружје

225

Основното јавно обвинителство – Скопје отвори истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 став 2 во врска со став 1 и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 11 јуни, во својот дом на улица „Христофор Жефаровиќ“ во Скопје, неовластено заради продажба држел наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 11,45 грама, спакувана во 27 полиетиленски пакувања. Истовремено, во домот на осомничениот биле пронајдени и 0,62 грама психотропна супстанца 3,4 – метилен – диоксиметамфетамин. Тој неовластено кај себе држел и полуавтоматско кусо огнено оружје – пиштол марка CZ100 со калибар од 9мм, десет куршуми муниција за тоа оружје, како и 14 куршуми муниција за автоматско огнено оружје кое им е забрането на граѓаните.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, односно дека постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.