Вељаноски бара увид во доказите 27 април

1105

Поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски, утрово, нешто после 10 часот, се појави во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција каде е повикан да даде исказ за насилствата во законодавниот дом на 27 април 2017 година. По нецел час, Вељаноски, во придружба на неговиот адвокат Еленко Миланов, ја напушти зградата на Апелацискиот суд каде што е сместено и Обвинителството за организиран криминал и корупција. Како и пред два месеца, кога беше повикан на распит пред судија на претходна постапка, Вељаноски и денеска не беше многу расположен за објаснувања поврзани со неговите активности на „крвавиот четврток“.
Од Обвинителството потврдуваат дека Вељаноски не дал исказ, бидејќи побарал увид во доказите кои се насочени против него. Оттаму велат дека увид ќе изврши адвокатот на Вељаноски и тоа веќе следниот понеделник, а откако доказите ќе бидат проучени ќе следи нова покана за распит.
Трајко Вељаноски е еден од од оние кои се товарат дека го организирале упадот во Собранието за време на изборот на Талат Џафери за прв парламентарец . Под истрага, како организатори, се и експремиерот -бегалецот Никола Груевски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот началник во МВР Никола Бошковски и бившиот директор на УБК Владимир Атанасовски. Вељаноски е единствен на кој судот не му изрече притвор или куќен притвор, со оглед на тоа што парламентот не успеа да донесе одлука за одземање на неговиот пратенички мандат, за што „главната улога“ ја одигра спикерот Џафери.
Она што е веќе извесно е дека осомничениот, преку својот мобилен телефон, имал СМС-преписка со Груевски. Се работи за четири пораки што биле испратени пред, но и на 27 април 2017 година. Вељаноски се сомничи дека од пратеникот Илија Димовски побарал пратениците да му го чуваат кабинетот, а од Никола Тодоров, со СМС-порака, барал да донесе народ. За Вељаноски се тврди дека бил во комуникација со пратеникот Крсто Мукоски, но и со шефот на неговото лично обезбедување, Горан Ѓошевски-Леви.

Спонзорирано