По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе Обвинителен акт против турски државјанин кој живее во Австрија за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став еден од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 24 август, со лет на една авиокомпанија, пристигнал на аеродромот кај Скопје од Виена и се упатил на излезот „зелен канал“ наменет за патниците кои немаат ништо да пријават за царинска контрола. Притоа бил селектиран за контрола и запрен од царинските службеници. При извршена проверка во неговиот багаж биле пронајдени десет шишиња со по 10 милилитри хашиш масло, едно бело пластично шише без етикета со волумен од околу еден литар наполнето со хашиш масло, како и еден мал стаклен сад во кој исто така се наоѓало хашиш масло со тежина од 2,1 грама.