Судскиот совет избра претседатели на повеќе судови, ама не избра судии во Апелација

1710

Александар Чичаковски, поранешниот претседател на ДИК, е избран за судија во Управниот суд

Судскиот совет конечно избра претседатели на десетина судови во земјава,  со кои досега раководеа в.д. претседатели. На вчерашната седница, единствено не беше избран претседател на Судот во Кавадарци каде единствен кандидат беше судијата Лазар Нанев, но за него гласаа само осум членови на Судскиот совет, а шест беа против.

Илир Сулејмани, едногласно, доби уште еден мандат на чело на Граѓанскиот суд  во Скопје.  Миле Димовски  е избран за претседател на Основниот суд во Битола, а на чело на судот во Велес доаѓа Лидија Димова, за која беше посочено дека  има повеќе од 33 години судиски стаж. За претседател на Судот во Прилеп, од пет кандидати, е избран Зоран Стевановски.

Судот во Делчево и натаму ќе го води Миле Георгиев.  За претседателка на Основниот суд  во Крива Паланка избрана е Љубица Цветковска-Стојановска, а Билјана Толова  за Основниот суд во Неготино.

Управната судијка Исмета Амет беше избрана за претседател на Вишиот управен суд. Вишите управни судии кои конкурираа за оваа позиција не ги добија потребните гласови.

Александар Чичаковски, поранешниот претседател на ДИК е избран за судија во Управниот суд. За него гласаа 11 членови на Судскиот совет. Членот на Советот Виолета Богојеска рече дека треба да се изберат судии кои веќе работат во Управниот суд.

-Како ќе водат расправа кога не знаат како изгледа едно судење – рече Богојески.

За две места во Управниот суд беа пријавени 31 кандидат. Освен Чичаковски, членовите на Советот ја избраа  и Елеонора Ајро за судија во Управниот суд. Таа само што дипломирала на академијата за судии и јавни обвинители и е сопруга на поранешниот специјален јавен обвинител Артан Ајро.

Ова е последниот избор за судии во Управниот суд по стариот Закон, затоа што огласот беше објавен пред 25 мај кога стапи на сила новиот Закон, според кој и управните судии ќе се бираат со завршена академија.

Судскит совет и денеска не успеа да избере шест судии во Апелацискиот суд во Скопје. Тоа  беше последна точка на дневен ред, која беше одложена по консултациите кај претседателот на Судски совет Киро Здравев. За шестте места во Апелација конкурирале 95 судии.

Здравев не сакаше да коментира дали има притисоци и дали се договора изборот на кандидати, но напомена дека поради некоординираност може да отпаднат добри кандидати и дека  треба дополнително време на членовите на Судскиот совет уште еднаш да ги разгледаат биографиите на сите пријавени.

-Во Апелација треба да се изберат најдобрите судии, а може да се случи да не биде изберан  никој, односно ниту еден да не го добие потребниот број на гласови. Тогаш огласот ќе мора да се повтори и изборот ќе треба да се одложи до крајот на годинава –  рече Здравев.

Седницата за избор на судии во Апелација е одложена на неодредено време, а огласот за овие места беше објавен пред седум месеци.

 

 

 

 

Спонзорирано