СОБРАНИСКА ТЕПАЧКА ЗА „8 ОТСТО ДОВЕРБА ВО СУДСТВОТО“!

1284

Не е толку битно кој го започнал инцидентот за време на оджување на седницата на Комисијата за европски прашања колку што загрижува сознанието дека дојде до тепачка меѓу пратеници за судии кои се репрезенти на она што се нарекува „8 проценти доверба во судството“

 

Љубиша Станковиќ

Нема дилеми дека вчера главна вест беше инцидентот во Собранието, а во кој учествуваа пратеници. Немам намера да влегувам во непродуктивна расправа околу тоа кој е виновник за инцидентот, како и околу тоа дали и која точка требало да биде прва (или можеби втора) при утврдувањето на дневниот ред на расправата на собраниската Комисија за европски прашања, но ми претставува задоволство што овој пат се „закачија“ пратеници.
Што сакам да кажам? Па, сакам да кажам дека тепачка помеѓу пратеници, во многу парламенти во светот, претставува редовна и нормална појава. Има држави кои на некој начин и го негуваат ваквиот начин на „комуницирање“ на пратениците само за да му покажат на народот како тој не треба да постапува, но кога сме ние во прашање наште собраниските искуства се сведува на насилно исфрлање на пратеници на опозицијата (и на новинари) во ек на расправа на пленарна седница или на „спонтан“ упад на уште „поспонтано насобран народ“ и претепување на истата таа опозиција.
Како и да е она што вчера се случи е нешто по што ќе се памети мини-тепачката е мотивот за нејзиното случување, а тоа е (не)сакањето да им се продолжи мандатот на десетици судии кои го исполнуваат правото за стекнување на пензија, а кои, поради недостиг на нов кадар би требало да останат на своите работни места?! Нешто не сум убеден дека на оваа групација судии треба да им се продолжи мандатот, бидејќи со тоа се ставаат во нерамноправна положба оние судии кои претходно, по сила на закон, морале да заминат во пензија. Оваа причина не мора да биде решавачка, но она што ме загрижува е фактот дека се случува тепачка меѓу пратеници за судии кои бездруго се репрезенти на она што се нарекува „8 проценти доверба во судството“!
Имено, доколку му се верува на истражувањето кое покажа дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, тогаш за тие и такви судии воопшто и не треба да се расправа, а не, пак, да останат на своите работни места.
Собраниските случувања како да ја фрлија во сенка пресудата на еден суд со која лице обвинето за претепување добива ослободителна пресуда. Морам да признаам дека не ги знам деталите за случајот, но затоа, пак, судот требало да знае дека на обвинетиот на душа му се ставаат уште неколку други тепачки. Без намера да влијаам врз одлуката на судот, сепак, сметам дека обвинетиот требало да биде санкциониран, дали со опомена, дали со условна казна или барем со парична казна…Вака, (а врз основа на се’ што се искоментира во јавноста) само може да се очекува да паѓа процентот на доверба кој, нели, засега изнесува само 8 отсто.
Примерот е можеби банален, но тој е само слика на она што реално се случува во судството. Сведоци сме на таканречени „големи предмети“ за кои се носат одуки кои немаат никаква врска ниту со правото, ниту со правдината, за на крајот на денот секој еден да искоментира дека во затвор одат само оние кои краделе ќебапи.
Она што е извесно е дека Собранието, односно Комисијата за европски прашања, ќе продолжи со работа. Можеби ќе има и нови инциденти (за кои ќе треба да се реферира и пред европските институции), но исто така е извесно дека за дваесетна дена ќе почне таканречената „судската ферија“, па судите од некоја плажа, мирно и релаксирано ќе можат да набљудуваат како пратениците се тепаат за нив!
И да! Нема правда – нема мир!

Спонзорирано