СО 15 ОТСТО ПОДОБРО СЕ МИСЛИ!

719

Судијката Александра Ристеска е жена со искуство и верувам дека имала голема причина поради која дојде до она што беше кажано во четвртокот, но во исто време од неа се очекуваше да изречен ослободителна пресуда поради она што само таа го знае за случајот

 

Љубиша Станковиќ

 

Ако се бара настан кој ја одбележа минатата недела, несомнено дека тоа е неизречената пресуда за случајот „Тортура“!

Наместо, каква – таква пресуда, судечкиот совет само кратко кажа дека пресуда ќе нема, но дека на Сашо Мијалков и на уште шестмина припадници на пораншената полициска единица „Алфа“ ќе им се суди од почеток!
Не сум убеден дека има и такви кои ќе се присетат дека вакво нешто се случило во судница?! И авторот на овие редови ги прелистуваше сопствената архива, но и меморија и не најде ништо ни приближно слично.
Всушност, веќе ни самиот не сум убеден дека некој судија изјавил како не го разбира предметот по кој постапува.
Намерата не ми е да атакувам на судијата, дотолку повеќе што се работи за искусен правник и судија, но и човек кој силно ги почуствува последиците од корона -пандемијата, што, секако оставило голема трага на здравјето, но факт е и тоа дека во четвртокот мораше да има пресуда!
Не знам зошто е тоа така, но мислам дека судијката Александра Ристеска не „се истрачала“ со одлуката што веќе е јавно соопштена. Впрочем, сигурен сум дека таа знае нешто што сите ние не го знаеме, ама ако и бараме „вина“ тогаш тоа е затоа што таа случајот „Тортура“ го суди подолго време. Можеби затоа не требаше да каже дека и нејзе некои работи и се нејасни.

За да не бидам инетрпретиран погрешно, сакам да појаснам дека јас сум за тоа да се изрече и ослободителна пресуда!
А што друго може да биде пресудено во предмет кој е „тенок“ со докази, освен ослободителна пресуда за Сашо Мијалков и другите?!
Новото судење што беше најавено, не само што нема да донесе ништо ново, туку само ќе го потврди она што сега беше констатирано.
Вториот битен момент за кој се зборуваше минатата недела беше најавата на министерот за правда, Бојан Маричиќ, дека на судиите платите ќе им бидат покачени за 15 отсто или, како што појасни претседателот на Здружението на судии и судија на Врховниот суд Џемаили Саити, прво ќе има покачување од 10, а потоа од уште пет проценти.
Веднаш би сакал да појаснам (и со тоа да му помогнам на министерот) дека ново покачување на платите не е никаква реформа и не води кон независно судство, како што нема да придонесе судии да ги положуваат тестовите за интегритет или, пак, да судат, а да не го разбираат она што е во списите на предметот!

Спонзорирано