„СНИМАТЕЛИ“ И ТАЈНИ СНИМКИ

2759

Тајното снимање започна со Никола Груевски. Тој тајно снимаше од неговиот премиерски кабинет, а по него мераци со тајни снимки си правеа и Владфимир Панчевски, Орце Камчев…

 

Љубиша Станковиќ

 

Да не беше еден од директорите на една од телевизиите кои имаат национална концесија можеби никогаш немаше да ми дојде инспирација за овој текст. Не ми е проблем тоа што директорот јавно се закани дека ќе се исклучи од кабловските оператери и дека со тоа ќе ми ускрати правото да ја гледам нивната наречи ја програма сосе турските серии, туку дека ќе ми недостасуваат нивните екслузивни снимки од апсења на граѓани. Имено, токму таа телевизија се прослави со снимките од апсењата на Љубе Бошкоски, на Томислав Кежаровски и многу други….Тие толку се изверзирани за снимање апсења што некои од „актерите“ ги враќаа и по неколку пати само за да добијат што поквалитетен производ, а кога ќе постигнеа вистинскиот ефект преминуваа на јавно „блатење“ на уапсениот и негово прикажување најмалку 20 пати во денот.
Немам намера да ја критикувам телевизијата, бидејќи таа со начинот на кој работи заработуваше и се уште заработува милиони евра, но нејзина „олеснителна околност“ е тоа што занаетот го научи од нивниот лидер кој сега е некаде во емиграција, откако побегна од земјава.
Снимките кои ги правеше телевизијата се правеа јавно, се разбира, само договорот за нивна изработка беше таен. А, всушност се започна со Никола Груевски кој прв почна тајно да снима. Верувам дека уште има такви кои се сеќаваат на средбите на Груевски со лидерот на тогашната опозиција, Зоран Заев, од крајот на 2014 година. На тие средби Заев му кажува на Груевски дека има докази дека е влезен во голем криминал, а тој за цело време тајно го снима разговорот. еруевски, нормално, не знае кој поставил камери во неговиот премиерски кабинет и како тие снимки излегле во јавност, но затоа, пак, тврди дека Заев го уценувал.
Никој нормален не верува дека тајното снимање не е дело на самиот Груевски и дека тој не знае како снимките завршиле на You tube, а оттаму на „неговите“ телевизии, но кој тоа снимал не дозна ниту тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски кој најави и кривична истрага. Додуша Зврлевски најави истрага и за снимката која излезе од судење на кое беше забрането снимање. Тајниот снимател остана непознат за Зврлевски и за сите нас, иако „од авион се гледа“ дека снимката е направена со камерата на судот. Сите ние бевме глупави, бидејќи не ни текна дека пристап кон техниката имаат само човекот кој е задолжен за работа со неа и тогашниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски.
А дека Панчевски е мераклија на тајно снимање покажа и со снимките од поставените камери во влезот на зградата во која живее, но и со снимката што ја објави од неговиот стан, а со која обвини истражител на СЈО, наводно, дека му украл некаков клуч?
На листата на тајни сниматели се најде и Орце Камчев. Тој сега е и најпопуларен, бидејќи постојано вади нови снимки. Се што треба – тука е Орце!
Да бидам искрен Камчев ми е некако најсимпатичен од сите други тајни сниматели. Не знам зошто е тоа така, ама знам дека ми е убаво кога ги гледам неговите „проекти“. Дали е тоа поради тоа што на снимките има толку многу пари колку што имам видено само на филм, дали поради тоа што ги има „на купче“ сите оние кои му доаѓале дома на баци рака.
Орце ми е ептен фраер! Дава милиони, ги складира во брендирани торби, цело време е насмеан, а на крајот снимките завршуваат во некој италијански медиум кој ќе тврди дека бил рекетиран?!

Спонзорирано