СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА „ТИТАНИК 3“

1475

Со првостепената пресуда обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими беа осудени на по три и пол години затвор, но најновата одлука наложува повторување на судската постапка

Скопскиот Апелционен суд, на својата службена веб страна објави дека е укината првостепената пресуда за предметот познат во јкавноста како „Титаник 3“, а кој се однесува на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими. Имено, во краткото соопштение е наведено дека: „Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-743/20, во јавноста познат како ‘Титаник 3’, по одржана нејавна седница на ден 12. јули 2021 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите И.Г. и Е.А., изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување“.
Како што е познато првостепената пресуда со која Гури и Алими беа осудени на по 3,6 години затвор беше изречена на 31. март минатата година. Незадоволни од одлуката на скопскиот суд, Гури и Алими, вложија жалби до повисокиот суд, но некаде на почетокот на оваа година во јавоста беа објавени серија на текстови со кои се имплицираа ситуации кои упатуваа на мислење на Обвинителството кое би било во корист на обвинетите.
Исмет Гури, во изјава за „Правосудство“ негираше било какви интервенции од страна. Тој рече дека ќе остане на тоа дека единствената намера му е да ја докаже својата невиност, односно дека тој не фалсификувал записници на локалните избори во 2013 во Чаир. Во поткрепа на ваквите негови тврдења тој рече дека спорните 80-тина гласови не можеле да имаат решавачко влијание врз текот на изборите, бидејќи ДУИ извојувала победа со разлика од безмалку 11.000 гласови.

Спонзорирано