Што ѝ кажа Димишкова на Русковска ?

1367

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал се најде на удар на судската фела, по реакцијата на одлуката Катица Јанева да биде пуштена во домашен притвор

Остана непознатица исказот што судијката Весна Димишкова го дала кај обвинителката Вилма Русковска, а не се знае ниту точната причина поради која таа била повикана во Обвинителството за организиран криминал.

Димишкова, наводно, се здржала кај Русковска повеќе од пет часа, ама потоа незабележано го напуштила Обвинителството за организиран криминал.

Таа е судијка на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје, која го води случајот на СЈО „Империја“, во кој меѓу осомничените е бизнисменот Орце Камчев. Димишкова се спомнува во една од  снимките за „Рекет“ што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, од разговор меѓу сега обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 и Орце Камчев. Индиректно беше спомната и во текстот со кој одредени медиуми поткрепија дел од исказот на Камчев при пријавувањето на „Рекет“, што протече во јавноста. Тогаш, обвинителката Русковска ја потврди автентичноста само на првата страница од исказот.

Димишкова е судијката која го одобри барањето на СЈО да влезе во УБК,од каде што потекна аферата „прислушување“.

Од обвинтетите во случајот „Рекет“, во притвор е само уште првообвинетиот Боки 13. Второобвинетиот Зоран Милевски – Кичеец  е во домашен притвор од крајот на септември. Во вторникот, во куќен притвор, под „мистериозни околности“, со одлука на Апелацискиот суд во Скопје,  беше пуштена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, што посебно ја разлути шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.

-Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите – му напишала Рускоска на судија од Апелацискиот совет, откако Јанева беше пуштена во домашен притвор.

Ваквиот настап на Рускоска предизвика реакции од судската фела.  Од Апелацискиот суд сметаат дека вакво однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото.

Според Судскиот совет, однесување на Рускоска е во спротивност на Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

Во соопштението на Обвинителството се вели дека „реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница“.