СЕАД КОЧАН СПРОВЕДЕН ВО ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“

873

Поранешниот сопственик на фирмата „Трансмет“ и на „Телевизија Нова“ од синоќа е на издржување на затворска казна во трање од 4 години и 8 месеци

Доцна синоќа, нешто по 23 часот, полицијата го приведе и им го предаде на надлжните во затворот „Идризово“, осудениот Сеад Кочан, поранешен сопственик на фирмата „Трансмет“ и на пропаднатата „Телевизија Нова“.
Сеад Кочан е осуден на затворска казна во траење од 4 години и осум месеци во предметот наречен „Труст“, односно за местење на тендер за ископ на јаловина од рудникот „Суводол“, вреден една милијарда и 60 милиони денари или 17.235.772 евра.
Осудениот и вчера, по трет пат, за кратко време, се обиде, со медицинска документација, да го одложи извршувањето на санкцијата. Од судот потврдија дека Кочан уште еднаш се повикал на нарушено здравје, но дека тој е упатен на издржување на казна во затворот „Идризово“.
„Во врска со издржувањето на казната затвор на еден од правосилно осудените лица во предметот број 1459/17 од обвинителството означен како ‘Труст’, информираме дека до надлежниот судија за извршување санкции е доставено ново барање за одлагање на издржувањето на казната затвор по кое барање судот веднаш се обрати до приватната клиника каде е хоспитализиран осудениот за добивање на целокупната документација поврзана со барањето. По добивање на неопходната документација надлежниот судија дополнително ќе одлучи дали барањето ќе биде разгледано и по него ќе одлучува биде отфрлено“, се вели во писмениот допис од скопскиот кривичен суд. Случајот „Труст“ беше обелоденет на 28. февруари 2017 година и според Специјалното јавно обвинителство тој произлегол по извршени проверки на три телефонски разговори на високи државни функционери кои договарале „местење на тендер“ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот „Суводол“. На договорениот тендер, фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и фирмата „Вато“ настапиле како конзорциум. Тие знаеле дека не ги исполнуваат условите предвидени со тендерот распишан од „Електрани на Македонија“ ( ЕЛЕМ), но тоа не претставувало никаква пречка ним да им бидат исплатени една милијарда денари, а дополнително, со анекс на договорот, уште 60 милиони денари или се вкупно 17,2 милиони евра, за колку што е оштетен државниот Буџет.
Сеад Кочан кратко време извесно мина во притвор, а потоа магично исчезна на безмалку три месеци. Досега никој не утврди каде бил Кочан, иако неговата одбрана тврдеше дека бил на службен пат.
На 20. јули минатата скопскиот кривичен суд ја изрече првостепената птресуда со која Сеад Кочан беше осуден на шест, Василије Авировиќ, како претставник на „Силекс неметали СТ“, е осуден на три, а за третообвинетиот Сафет Ватиќ беше ослободен од вина. Согласно пресудата на Сеад Кочан и на Василие Авировиќ им беше изречена и забрана за вршење на дејност, професија, да бидат управители на правно лице, сопственици на правно лице или членови на управни органи во траење од должината на изречената казна затвор. Судот за нив изрече и забрана за учество на јавни повици, тендери во истото времетраење од должината на затворската казна.
Во март оваа година, постапувајќи по жалбите на осудените, Апелациониот суд во Скопје донесе пресуда со која на Сеад Кочан наместо шест му се изрекува затворска казна во траење од 4 години и осум месеци, а тригодишната затворска казна за Василије Авировиќ се заменува за условна, одбносно му се изрекува затворска казна во траење од две години која му се заменува за условна казна во траење од пет години.

(Љ.Станковиќ)