СЕ’ Е ПОЛЕСНО КОГА ЌЕ СИ НАПРАВИШ ПРЕСЕДАН!

739

Има и такви кои ќе се сетат на предметот наречен „Сопот“ за кој, и покрај правосилните пресуди, во Собранието беше оформена некаква Анкетна комисија која одлучи судењето да започне од почеток, а сите осудени да се најдат на слобода! Значи, за класичен терористички акт, во кој загинаа двајца цивили и двајца НАТО војници, немаме виновници!

 

Љубиша Станковиќ

Понекогаш ми се случува она што сакам да се случи на планот на правосудството, за момент и самиот да почнам да верувам дека има надеж и дека навистина ќе се случи. Ваквото мое „верување“, за жал, трае тамам до првите новински наслови кои, секако, само го отсликуваат она што навистина се случува, а што мене, за среќа, повторно ме враќа во реалноста.
Минатата недела се случија неколку работи во сферата на правосудството кои ниту имаат некаква врска со реформи, ниту правосудниот систем го прават подобар, па имаше некакви политички барања и како финале дојдоа некои крајно спротиставени одлуки донесени од највисоките судиски форуми.
Имено, се’ започна со некави видео семинари кои, демек, биле нешто битни, а во суштина не се интересни и не носат ништо ново, но после се’ ние сме подготвени да кажеме дека излагањата биле многу битни, а заклучоците можеме да вметнеме не само во законите, туку и во учебниците по право.
Минатата недела, како и неколкуте недели пред тоа, ја одблежаа преговорите на една политичка партија за влез во Владата. Еден од условите, помеѓу останатите, беше и барањето за ревизија на судски предмети за кои веќе има и правосилни судски одлуки! Барањата, како такви, се (не)издржани, бидејќи освен ревизија, се бара и меѓународен мониторинг и експертиза.
Ако е идејата да им се додворуваат на потенцијалните гласачи и ќе разберам барањето за ревизија, но кога ќе ми текне дека пред неколку години ние направивме преседан одма ми е полесно на душата. Има и такви кои ќе се сетат на предметот наречен „Сопот“ за кој, и покрај правосилните пресуди, во Собранието беше оформена некаква анкетна комисија која одлучи судењето да започне од почеток, а сите осудени да се најдат на слобода!
Ај што никој не е осуден за убиство на двајца цивили и на уште двајца припадници на НАТО од полскиот контигент, мене и ден денеска не ми е јасно како е можно за ваков, терористички акт, некој да се брани од слобода, а во исто време никој да не биде осуден?!
Значи, пресадан еднаш веќе е направен и сега веќе нема никаква (правна) пречка да се бара нешто слично за други предмети!
Правни одлуки и закони како гума за џвакање. Кога ќе ти се згади мастиката, само ќе ја исплукаш и продолжуваш натаму!
А дека одлуки се носат, онака , како истресени „од ракав“, најдобра потврда се Судскиот совет и Врховниот суд на Република Северна Македонија. Имено, пред само неколку месеци Судскиот совет донесе одлукаа со која од функција судија на Врховниот суд го разреши Стојанче Рибарев, а идентични одлуки беа донесени и за Зоранчо Мицевски и Сузана Здравева, двајцата судии на штипскиот Апелционен суд.
Овие тројца разрешени судии си вложиле жалби по одлуката на Судскиот совет, а Врховниот суд, на три седници одржани едноподруго, донел решение со кое ги прифатил жалбите на разрешените!

За верување е дека споменатите пак ќе најдат пред Судскиот совет каде ќе си го бранат

својот личен, судиски интегритет, но верувам дека Судскиот совет ќе си ја потврди еднаш веќе донесената одлука. Она што ми останув а како „тема за размислување“ е: дали овие тројца во моментов се или не се судии и дали треба да примаат плата?
Всушност, не ми е јасно како е можно судии од еден форум да гласаат за разрешување на судии, а судии од друг форум, повторно да ги враќа истите тие судии на старите позиции?
Само кај нас е можно да се носат дијаметрално спротивни одлуки и никој за тоа да не сноси никаква одговорност! Впрочем затоа и имаме пресуди какви што имаме и затоа граѓанството не верува во судскиот систем! А „на тапет“ се безмалку 40 судии што претпоставува дека пак ќе имаме забава.
Батали реформи….И ова е многу!

Спонзорирано