Скопското Јавно обвинителство започна постапка за полициски референт и уште две други лица за продолжено кривично дело: злоупотреба на службена положба и овластување, односно за: фалсификување исправа и за поттикнување на првоосомничениот на злоупотреби на службената положба.
Според Обвинителството, од јули 2020 година до мај минатата година, првоосомничениот како референт во МВР – ОУР Скопје, поттикнат од другите двајца, ја искористил својата службена положба и со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. Со тоа на осомничените им остварил значителна имотна корист од 174.052 евра.
Вториот и третиот осомничен, во наведениот период, поднесувале фалсификувани документи за регистрација на луксузни автомобили на кои им било извршено прикривање и промена на оригиналните идентификациски броеви. Референтот, без да ги направи неопходните проверки на целокупната документација, им овозможувал да ги регистрираат возилата и потоа да ги препродадат.
За сите тројцата осомничени Обвинителството бара од судот да изрече мерка притвор, поради опасност тие да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или, пак, да го повторат делото.
РЕФЕРЕНТ И ДВЕ ДРУГИ ЛИЦА ВРШЕЛЕ ЗЛОУПОТРЕБИ ПРИ РЕГИСТРИРАЊЕ ВОЗИЛА
Спонзорирано