Најмладата вработена судијка во скопскиот кривичен суд, денеска, со одлука на Судскиот совет на Република Северна Македонија е разрешена од судиската функција
На денешната седница Судскиот совет на РСМ донесе одлука со која од судиската функција е разрешена Софија Лаличиќ. Со 11 гласа „за“ и само два „против“, судијката Лаличиќ е разрешена од функцијата која ја обавува уште од 2013 година. Всушност, во 2015 година, од таканаречените „бомби“, јавноста разбра како таа била именувана за судија.
Имено, судијката Лаличиќ, од она што можеше да се слушне во незакнските снимани телефонски разговори, била во блиски односи со тогашниот директор на сега веќе непосточеката Управа за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и дека токму тој и издејствувал вработување како судија.
На Интернет енциклопедијата, односно на „Википедија“ за неа е наведено: Софија Лаличиќ или според некои извори Сафија Лаличиќ (родена 1984 година) е судија кривичар во Основен суд Скопје 1. Во 2012 година таа е назначена за судија на 28 години, а со тоа претставува најмладиот назначен судија во историјата на правосудството на Македонија.
Во Посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го доставило до Собранието на Република Македонија на 14 септември 2018 година Лаличиќ е наведена како една од судиите кои извршувале политички нарачки. Покрај ова во извештајот на СЈО е наведено дека судијката била избрана на незаконски начин со помош на Мијалков, и според неа, нестручно и несовесно ја вршела судиската функција по контроверзниот избор.
Во однос на професионалноста на Лаличиќ во истиот Извештај се вели: „Нејзините врски со извршната власт не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат. Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, споделување информации до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција“. Во истиот извештај на СЈО се вели дека повеќе од една година пред да биде избрана за судијка ѝ била ветена судиската функција.
Инаку, медиумите за неа пишуваа дека, на падините на Водно, има сопствен стан од 62 метри квадратни, џип и акции во три компании, купени уште во 2007 година, односно многу пред а биде вработена.