Притвор за возачот на камионот за тешката сообраќајка кај Визбегово

993

Возачот на камионот кој пред три дена ја предизвика тешкатаа сообраќајна несреќа во која имаше неколку повредени и загинати е осомничен за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, согласно член 300 став 4 а во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот, во петокот, се движел по автопатот Скопје – Тетово, односно кај скопската обиколница. Тој управувал камион, ( марка „МАН“), со скопски регистарски таблички. Кога дошол пред надвозникот Визбегово тој не се движел по средината на сообраќајна лента и не ја приспособил брзината на условите на патот и на густината на сообраќајот и поради тоа не можел да го движењето на камионот, по што удрил во задниот лев дел на автомобил „БМВ 535“, со гостиварски регистарски ознаки, кое стоело крај десната сообраќајна лента, откако било запрено од сообраќајната полиција.
„Од силата на ударот, патничкото моторно возило ‘БМВ’ се придвижило нанапред и удрило во паркираниот полициски автомобил ‘шкода јети’ и во метална одбојна ограда крај патот. Автомобилот ‘БМВ’ се запалил, при што сопатникот во возилото се здобил со изгореници и починал на лице место. Полициското возило исто така се придвижило нанапред и удрило во пешаците-возачот на автомобилот ‘БМВ’ кој бил излезен надвор од својот автомобил и двајца полициски службеници. Сите тројца се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Еден од полициските службеници подоцна им подлегнал на повредите здобиени во сообраќајната несреќа“, се вели во соопштенето на Јавното обвинителство кое цени дека на возачот на камионот треба да му се изрече мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на возачот на камионот му определил притвор во траење од осум дена.

Спонзорирано