Годината која е на крај, обвинителот Јовески ја оценува како исклучително тешка и со многу предизвици, но во исто време и успешна, бидејќи криминалот се гонел и во време на пандемија
Оценувајќи ја 2020 година како тешка и со многу предизвици за јавните обвинители, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, денеска, и се обрати на јавноста.
Јавниот обвинител потсерти дека нивната работа е да се гони криминалот кој не запира, дури и во време на пандемија.
„Обврзани сме со рокови во преземањето на нашите дејствија, на целосно прибирање на материјални и вербални докази за да имаме издржани обвиненија. И во услови на пандемија, со поинаква организација на работата, обезбедивме непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи“, истакна Јовески и потенцира дека во годината која е на крај обвинителствата постапувале за повеќе од 25.000 полнолетни сторители на кривични дела, а дека само во време на вонредна состојба се воделе постапки за 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи.
Потсетувајќи на пермантниот проблем со недостаток на материјални и човечки ресурси, Јовески кажа дека само оваа година беа избрани 18 обвинители, а дека во завршна фаза е постапката за вработување на уште 70 работници.
„Во оваа година профункционираа 4 истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово. Во насока на градење систем на отчетност во рамки на јавното обвинителство ја зајакнавме дисциплинската одговорност. Оваа година водевме неколку дисциплински постапки против петмина обвинители кои сториле повреди во текот на работењето“, рече Јовески и доидаде: „Значајно е што се гарантираат 0,4 проценти од Буџетот за работа на обвинителствата. Имајќи ја предвид состојбата во државата предизвикана од пандемијата за 2021 година е обезбеден Буџет на јавното обвинителство во висина од 0,2 отсто. Да нагласам дека треба сите да бидеме солидарни и да помогнеме во заложбите за справување со потешкотиите предизвикани од опасниот вирус!“
Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, потсети дека обвинителите, годинава, постапуваа и превземаа дејствија и по предмети превземени од некогашното Специјалното јавно обвинителство.