Предложени парични казни за непочитување на здравствените протоколи

744

Казни се предложени за две физички и едно правно лице, односно за ресторан на улицата „Боемска“, во кој седеше Христијан Мицковски

Основното јавно обвинителство – Скопје, по обезбедување на сите релевантни докази, поднесе предлог за издавање казнен налог против две физички и едно правно лице за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело: непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Обвинетите, на трети јуни оваа година, помеѓу 13,30 и 18 часот, во угостителски објект на улицата „Боемска“, не постапиле согласно прописите и наредбите за спречување на ширењето на заразната болест COVID-19.
„Првообвинетата, како сопственик и управител-менаџер на обвинетото правно лице, не го организирала процесот на работа на угостителскиот објект согласно протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана. Второобвинетиот, вработен во правното лице, во наведениот период го отворил внатрешниот, затворен дел на угостителскиот објект за работа, каде со храна и пијалоци биле послужувани петмина гости. Со овие дејствија обвинетите сториле кривично дело санкционирано во ставот 1 од член 206 од Кривичниот законик, а правното лице – кривично дело предвидено во ставот 2 од истиот член“, се вели во соопштението на Обвинителството од каде и потврда дека до кривичниот суд е доставен предлог, за двете физички лица да изрече парични казни од по 100 дневни глоби, со поединечна вредност на дневната глоба од 25 евра, додека за правното лице предложи парична казна во висина од 150.000 денари.
Од кривично-правен аспект, затекнатите гости не подлежат на кривична одговорност.​
Иако од Обвинителството не соопштуваат кои биле гостите, сепак, лесно може да се заклучи дека станува збор за лудерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој, пак, само еден ден по настанот јавно призна дека токму тој бил во ресторанот, во придружба на негови пријатели.
„Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук, но тој за неговото однесување не беше санкциониран, иако на настанот му претходело спротиствување на вработени да им дозволат на пазаришни инспекторите да извршат проверка на локалот.

Спонзорирано