ПРАВОСУДНИОТ СИСТЕМ НИ Е „ДАЛАВЕРА“ И ЗА ДРАГАН ДАРАВЕЛСКИ

1217

Љубиша Станковиќ

Драган Даравелски беше обвинет за настани кои се случиле во 2002 и за кои, во отсуство беше осуден на седум години затвор, но сега сме 2023 година

Освен афери и скандали не можам да се сетам дека имало и нешто добро по што ќе ја паметам 2022 година

Сто пати се мислев дали вреди да направам рекапитулар на она што се’ се случи минатата година во нашето правосудство и уште толку пати се премислив, бидејќи освен афери и скандали и немаше нешто паметно по што ќе се памети 2022 година.
Кога само кога ќе се сетам на судските пресуди кои беа изречени, па на обидите луѓе од Судскиот совет да реагираат кај судии чии што одлуки не беа по мерак на јавноста ме обзема некаква мачнотија. А не сакам ни да се сетам на Судскиот совет кој имаше мал милион скандали, ама си даде за право да им дели лекции на судиите, иако во РСС партиципираат и такви ликови кои никогаш во својот живот не биле судии.
Да нема недоразбирање, не сакам да кажам дека ги оправдувам одлуките кои беа носени, но ќе кажам дека какви да се, пресудите можат да ги толкуваат само повисоките судски инстанци….Патем, нешто не можам да се присетам дека во 2022 година слушнавме глас од Врховниот суд, а не можам да се сетам дека некој нешто искоментира за осумте проценти доверба во судството.
Ништо подобро од судството не се покажа ни Јавното обвинителство. Ланската година ќе ја паметиме по притисоци врз обвинители и суспендирања, по (непосреден) избор на шефови кои никој никогаш порано ниту ги видел, ниту слушнал дека постојат, по Јавен обвинител кој себеси повеќе се гледа како судија на Уставниот суд, отколку како прв човек меѓу обвинителите и кој својот интегритет го брани со дописи до јавноста.
Не сум убеден дека јавноста е многу заинтересирана кои лица се избрани во телата на Здружението на јавни обвинители, ама затоа, пак, верувам дека сака да знае дали некои обвинители можат да партиципираат во органи на други институции, како на пример Академијата за судии и јавни обвинители.
Едно истражување покажа дека вербата во Обвинителството била само три проценти?! Е сега, ако се оценуваше од еден до пет, тогаш ЈО може да пројде како „добро“, со надеж дека годинава може да биде и „многу добро“, односно да ја покачи вербата и на четири проценти….Оваа состојба да не е трагична, можеше да биде смешна. Вака-тешко!
Она што ме мотивира да седнам и да напишам некоја реченица е „апсењето“ на некогашниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски. Не дека станува збор за некаков триумфализам на нашите правосудни органи, туку поради глупоста од неговото приведување.
Да имавме правна држава која се грижи за постапките сега само ќе регистриравме дека Даравелски најлегално се појавил на граничен премин со намера да влезе во државава. А таа, мислам, државата, требаше да знае дека „црвената потерница“ одамна е избледена, бидејќи предметот на Драган Даравелски доживеа апслоутна застареност уште пред скоро две години.
Чинам дека тренираме примена на закон, а во исто време и незнаење дека Даравелски ја напушти Македонија уште во 2003 година и дека во меѓувреме се откажа од македонското и доби српско државјаство, што ќе рече дека сме уапсиле странски државјанин.
Не верувам дека ги има многу кои ќе се сетат дека Драган Даравелски беше дел од Владата којашто ја предводеше Љубчо Георгиевски, а дека негов прв претпоставен му беше Никола Груевски и дека се работи за периодот 1998 -2002 година.
И тогаш и сега сум на став дека она за што на 17. мај 2007 година на Даравекски му беше изречена затворска казна во траење од седум години е тешка глупост, бидејќи тој одговараше за опремување, пат и смстување на македонската кошаркарска репрезентација, за запленети возила кои им беа подарени на десетици македонски општини, за финансиска помош на МПЦ и слично.
И тогаш и сега мислам дека Даравелски има вина само поради тоа што од своите претпоставени не побарал на писмено да му биде напишано што се бара од него, туку се согласил барано да му е со усна наредба, а што онака, на ѓутуре, пресметано, изнесувало 103.575.167 денари или нешто повеќе од 1,6 милиони евра.
Намам намера да го бранам или оправдувам Даравелски, ама ако државата сакала да го има зад рештки тогаш требала да истражува дали тој навистина сторил некаков криминал од кој лично се збогатил, а не за пари кои на крајот на денот повторно завршиле во истата таа држава…
Да сум на местото на Даравелски и за таа една ноќ која би ја минал во затвор би поднел тужба против државата. Не е работата во парите, туку да и се каже на државата дека не ни владее правото.

 

Спонзорирано