ПОРАНЕШЕН ОХРИДСКИ ОБВИНИТЕЛ ЌЕ ОДГОВАРА ЗА НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ

530

Поранешен Јавен обвинител од Охрид е обвинет за несовесно работење во службата. За него Основното јавно обвинителство – Струга поднесе обвинителен акт според кој поранешниот Јавен обвинител, делата за кои се товари ги сторил во еден подолг временски период, односно од 19 ноември 2013 до 25 ноември 2021 година. Тој се товари дека несовесно постапувал во 14 предмети што ги застапувал, а кои, поради начинот на којшто работел застарувале и со тоа им овозможил на пријавените лица да бидат ослободени од кривичен прогон. Со начинот на постапување сега обвинетиот ги оштетил, односно им ги повредил правата и на подносителите на кривичните пријави, но и на оштетените, а кои, поради застарувањето не добиле одлука ниту за гонење на пријавените лица, ниту одлука за отфрлање на пријавите.
„По извршен вонреден надзор на Вишото јавно обвинителство Битола врз работата на јавниот обвинител беа констатирани пропусти во постапувањето, при што беше задолжен да ги преземе неопходните дејствија во предметите. Тој не постапи по задолжението од извршениот надзор, односно состојбата во предметите остана идентична“, се вели во соопштението лиферувано од Јавното обвинителство. Оттаму и информација дека за обвинителот била поведена и дисциплинска постапка, а Дисциплинската комисија донела решение со кое му била изречена дисциплинска мерка – предлог за разрешување на јавниот обвинител.
Инаку, истрагата покажала дека обвинителот со своето (не)постапување застрарил 14 предмети на Основното јавно обвинителство Охрид. Првиот застарен предмет датира од 19. ноември 2013 година, и се однесува на две лица кои биле осомничени за кражба. Обвинетиот не презел никакво службено дејствие во предметот се до 4. ноември 2019 година кога настапила апсолутна застареност. Слердниот случај е од 2014 година и се однесува на кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас. Истата година тој успеал да застари уште еден предмет за исто кривично дело.
На товар на екс обвинителот му се ставаат уште три предмети од 2013 и четири други во следната година. Во 2015. година обвинителот застарил уште три предмети, а следната година уште еден предмет кој се однесува на три лица кои биле осомничени за давање лажен исказ и кој застарил минатата година.

Спонзорирано