КОГА СУДИИ СЕ ИМЕНУВААТ ЗА ДРЖАВНИ ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

830

Не знам дали се работи за нормална работа, но кај нас веќе станува пракса судии да се именуваат за државни Јавни обвинители

 

Љубиша Станковиќ

Верувам дека многумина се сеќаваат на зборовите на Александар Прчевски, (искажани во сега веќе далечната 2006. година), во моментите кога си заминуваше од функцијата државен Јавен обвинител, но за оние кои се со кратко памтење ќе потсетам дека тогаш тој кажа дека е „веројатно последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител. Александар Прчевски на највисокото место во хиеархијата на Обвинителството наместо шест, остана само три години. Од неговата смена помина многу време, а богами се изредија и други „будали“ на истата позиција.
Намерата не ми е да го анализирам работењето на Александар Прчевски, туку да потсетам на „континуитетот“ на редењето на судии на челната позиција во Јавното обвинителство.
Имено, како што е познато Прчевски за државен Јавен обвинител дојде од позција на судија (поточно претседател на Основниот суд во Битола), веројатно како награда за сето она што тој го сработи за време на случувањата поврзани со афеарта ТАТ, но остана нејасно зошто еден судија, без секунда искуство, би сакал да биде прв меѓу еднаквите во Обвинителството?
Многумина на ова прашање би одговориле дека императивот треба да се бара во „бркање“ на лична кариера и збогатување на сопственото SV. Несомнено дека кариерата е некаква водилка, но тука повторно се отвора ново прашање: По што ќе бидат запаметени сите оние судии кои биле именувани за Јавен обвинител на РСМ?
Ако зборуваме за Прчевски може слободно да се каже дека тој ќе биде запаметен токму изјавата која ја спомнувам уште на самиот почеток на овој коментар, но има и други, лоши примери.
Од позиција на (Истражен) судија од Основниот суд Скопје 2 – Скопје, во 1999 година, на функција државен Јавен обвинител, беше именуван Ставре Џиков. Значи, од првостепен суд Џиков беше преселен на највисокото место во Јавното обвинителство. Токму на Џиков му се „погоди“ да биде Јавен обвинител на РСМ во време на воените случувања. Тој ја отпочна соработката и со Хашкиот трибунал, откако претходно отвори неколку истраги за раководството на таканаречената ОНА, а кои како такви ни беа вратени и на крајот на денот и запрени. Значи? Бадијала позиција кога нема никаков позитивен епилог за државата. Сепак, за волја на вистината треба да се каже дека Џиков барем состави некаква монографија која се однесуваше на сите поранешни јавни обвинители. Но, и селењето на Џиков од судот во Обвинителството, како и кај Прчевски, траеше само три години.
За разлика од веќе споменатите двајца екс-судии и екс-јавни обвинители, актуелниот државен Јавен обвинител Љубомир Јовески се’ уште опстојува! На Јовески му недостасуваат уште само неколку месеци за да направи пет години како е државен Јавен обвинител.
Разликата меѓу Јовески и другите двајца поранешни судии/обвинители е и во тоа што тој на сегашната позиција ќе дојде откако претходно цели шест години ќе мине на позиција заменик-јавен обвинител во ЈОРМ, а дури потоа ќе напредува низ хиеархијата на Обвинителството.
Во биографијата на Љубомир Јовески не може да се прочита дека тој како судија го водеше, во она време, големиот судски процес наречен: „Паравојска“. Не знам зошто тој момент отсуствува, ако се знае дека во „паравојската“, (која му доаѓа како претходница на она што подоцна ќе се нарече УЧК или ОНА), високи позиции заземаа заменици министри во тогашната Влада на РМ?! На мислење сум дека токму случајот „Паравојска“ е битна, ако не и пресудна референца при изборот на Јовески за Јавен обвинител. Не знам, можеби и грешам, но сметам дека секој еден судија би сакал еден таков „случај од кариера“?!
Како и да е Јовески својата функција Јавен обвинител почна да ја извршува во едно турболетно време, иако, се чини, кај нас секое време е турболетно. Но, без оглед на се’ и без оглед на досега сработеното, токму во негово време се случија два битни настана кои во многу ја дискредитираа работата на Обвинителството: Првиот случај се однесува на Катица Јанева и нејзиното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Имено, дружбата на Јанева со ликови како Бојан Јовановски викан Боки 13 и Јордан (Орце) Камчев доведе до нејзино апсење и целосен распад на СЈО. Вториот случај се однесува на сега суспедираната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на органзиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Иако овој случај се’ уште е отворен, (но и до крај неистражен и неискажан), сепак, сите сме сведоци на тоа како Јавниот обвинител Јовески не застана зад својот подреден, туку нареди суспендирање и постапка за Русковска.
Каков ќе биде крајниот епилог засега е неизвесно, но факт е дека два големи потреса добро го „здрмаа“ Обвинителството.
Што се однесува, пак, до Обвинителот Љубомир Јовески, тој најверојатно повторно ќе биде судија, но сега не како судија во редовен суд, туку како судија на Уставиот суд.

И додека го чекаме изборот на Јовески за судија во Уставниот суд, се прашувам: Кој ќе биде следиот „будала“?

 

 

Спонзорирано