Љубиша Станковиќ
Адвокат си седи помеѓу двајца мускулести и тетовирани и јавно прашува кој и каде гледа насилни лица, оти тој околу себе гледа само уметници. Глупирање за сите пари…
Општо познато е дека судството е зрело за темелна реформа, каква што му е потребна и на Јавното обвинителство. Ама дека и адвокатурата го допрела дното се потврди минатата недела кога адвокатите даваа воведни зборови во судскиот процес за обвинетите за случувањата од 27. април, минатата година.
На адвокатурата и беа доволни само три дена за да покаже дека секогаш може „повеќе и полошо“. Се разбира, заклучокот не се однесува на сите бранители, туку на оние кои, нели, во интерес на нивните штитеници ќе се „распукаат“ со тези кои во најмала рака можат да се подведат како комични.
Некој можеби ќе забележи дека во една ваква ситуација се дозволени сите средства, (па и некоја ситна лага), дека се работи за стратегија на одбраната или дека можеби парите го диктираат темпото, но ова што се слушна во судницата на новиот скопски Кривичен суд е нечуено!
Тезата на адвокатот дека еден од обвинетите не само што не треба да е таму каде што е сега, туку дека треба да си остане пензионер и со орден на гради е невидена небулоза, ако за истиот тој човек тврдите дека е многу добар човек кој, веројатно, по грешка е таму каде што е сега. Адвокатот или не знае или се прави дека не знае дека токму тој човек, надвор од актуелниот судски процес, го обвинуваат за се и сешто. За тоа колку е „добар човек“ може да ви потврди цела една редакција со 30 – 40 луѓе кои примија мејл од една Западно Европска земја. Жената, авторот на мејлот, помеѓу останато напиша дека се дала во бегство од страв од „добриот човек“, а за личноста за којтаа пишуваше подобро и да не си спомнувам, само ќе кажам дека жртвата на „добриот чичко“ е на приближно иста возраст како и неговата ќерка.
За „добриот чичко“ кој тепаше новинари додека тие извршуваа работни задачи, кој нареди со возила да се газет студенти кои седат пред Владата и протестираат поради скриено и премолчено убиство на момче и кој апсеше се што ќе дојдеше под рака може да се зборува и пишува со денови. Тој може да е се, само не е добар човек и тоа мора одма да му се каже на неговиот адвокат.
Еден друг адвокат ќе излезе со теза дека неговиот штитеник не сторил никакво кривично дело со тоа што влегол во Собранието. Адвокатот ќе тврди дека обвинетиот пеел и рецититрал песни од Блаже Конески, а токму обвинетиот ќе тврди дека влегол за да и даде вода на полицијата.
Налет што ваквата изјава на обвинетиот нема врска со онаа на неговиот бранител, ама адвокатот е тој кој требало да му каже дека некои други се задолжени за носење вода во Собрание, а дека поезија се чита во Струга. Вака поезијата во проза, на тема „пласичен експлозив“ и „стакло за бричење“ ќе остане да се чита и рецитира само по затвори.
Во групата обвинети има и пејач на арии, но негов диригент не е пратеникот кој се товари за тероризам. Тоа што на пратеникот рацете, во Собрание, му „летаат“ лево-десно било поради неговите тикови. А го гледам човекот на судење и останувам збунет: Човекот ни да мрдне со рацете.
Дури сега не ми е јасно дали рацете му се тресат само кога ги отвора собраниските вратите, дали тоа му е хроничен проблем или тоа само така го тврди неговата одбрана?
Многу работи се кажаа: И дека обвинет кој, наводно, бил организатор на упадот во Собранието, воопшто и не бил таму, туку дека, во пријатно друштво, седел во скопски ресторан, ама за ова да не се зборува гласно оти ќе разберат неговите дома и ќе го караат. Слушнавме и за синтагмата: „тероризам со зборови, а не со дела!“ Што тоа, навистина значи треба да се праша авокатот кој ја искажа оваа мисла.
Од случувањата на „крвавиот четврток“, помина една и пол година. Можеле адвокатите многу подобро да се подготват за судењето, а некои, не е лошо, да си преслушаат изјавите што додека не беа ангажирани како бранители ги даваа за медиумите. Некои ќе се срамат од едното, други од другото.
Во секој случај – од кажаното!