За сообраќајната несреќа во која 16 лица загинаа, а други 38 се здобија со лесни и тешки повреди ќе одговараат шест лица, меѓу кои сопственикот и возачот на автобусот на „Дурмо турс“
Скопското Основно јавно обвинителство изготвило обвинителен акт за шест лица кои се товарат дека сториле: тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа на автобусот на гостиварски „Дурмо турс“, во која 16 лица го загубија животот, а 38 патници се здобиja со лесни и тешки телесни повреди.
„Во временскиот период од втори јули минатата до 13. февруари оваа година, обвинетиот сопственик на фирмата превозник и обвинетото одговорно лице за возниот парк на превозникот, не се придржувале кон прописите за безбедност на автобускиот сообраќај за масовен јавен превоз. Иако биле свесни дека може да настапи штетна последица, предизвикале опасност за животот и телото на луѓето кои се превезувале во автобусот на критичниот ден на релација Скопје-Гостивар. Имено, сопственикот на компанијата превозник единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници. Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата, со што постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, велат од Обвинителството и во исто време појаснуваат дека тој ниту организирал, ниту вршел контрола над целокупното работење на превозникот, не ги запознал возачите за придржување кон одредбите од Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај, не обезбедил редовно преземање на податоците од тахографот и не водел евиденција и проверка на времето на управување со возилата за секој возач посебно.
„Иако знаел дека не смее, раководењето со возниот парк тој му го препуштил на вториот обвинет, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Притоа, во превозникот не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски кои се должност на одговорното лице во превозникот“, стои во диспозтитивот на обвинението, а во кое уште е наведено дека сопственикот на фирмата-превозник не водел сметка за исправноста на аналогниот тахограф и дозволил да се изврши манипулација на овој уред за да не ја регистрира правилно брзината на движење на автобусот. Обвинетиот раководител на возниот парк, пак, давал насоки на возачите каде да го однесат автобусот за да се изврши манипулација на тахографот, со цел да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци. Свесни за континуираната техничка неисправност на автобусот, двајцата обвинети не презеле дејствија за поправка на битните делови од системот за сопирање на автобусот, знаејќи дека и во таква состојба автобусот ќе биде прогласен за технички исправен, затоа што техничките прегледи се вршеле во здружение во кое првиот обвинет исто така е одговорно лице-управител. На овој начин двајцата се обвинети дека сториле кривично дело: тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 2 од Кривичниот законик.
Други три лица, вработени во станицата за технички преглед, се товарат дека, во соизвршителство, сториле кривично дело: тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 299 став 1 од Кривичниот законик.
На овие лица им бил доверен надзорот врз состојбата и исправноста на автобусот, но заеднички, со несовесно вршење на должноста при задолжителен технички преглед, предизвикале опасност за животот и телото на патниците. На втори јули, минатата година, при редовен периодичен шестмесечен технички преглед, воочиле дека е неисправен ABS системот и дека постои недоволна ефикасност на кочењето од 32 проценти, како и разлика од 56 проценти, меѓу силите на кочење меѓу левото и десното тркало на втората кочница од втората, погонска оска. Сепак, во записникот за технички преглед не ги навеле овие неисправности и со свој потпис и печат го завериле записникот за технички преглед, прогласувајќи го возилото за технички исправно. При следниот технички преглед на 18. декември 2018 година тие воопшто не го прегледале уредот за сопирање за којшто знаеле дека е неисправен, но повторно изготвиле записник за технички преглед и издале потврда во која навеле дека возилото е технички исправно.
Со обвинителниот акт е опфатен и возачот на автобусот кој ја предизвика тешката сообраќајна несреќа која се случи на 13. февруари оваа година. Возачот се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Критичниот ден тој го управувал автобусот, во којшто се превезувале 55 патници, по средната сообраќајна лента, од автопатот „Мајка Тереза“, во правец од Скопје кон Тетово. Кога дошол во близина на селото Ласкарци, при изминување на благ свиок во десно, возел со недозволена брзина од 99 километри на час. Притоа брзината не се регистрирала правилно на тахографот, бидејќи обвинетиот го управувал автобусот со вклучен прекинувач за неправилно бележење на брзината. Заради преголемата брзина тој изгубил контрола врз управувањето со автобусот, започнал траекторија на движење во лево, по што преминал на левата сообраќајна лента и со предниот лев страничен дел од автобусот удрил во металната заштитна ограда. По ова тој преминал преку оградата и продолжил неконтролирано да се движи најпрвин преку средишното зеленило кое ги раздвојува двете сообраќајни ленти, преминал преку заштитната ограда за сообраќајната лента во спротивна насока и преку коловозот во спротивна насока. Во меѓувреме тој успеал да ја намали брзината на автобусот на 67 километри на час и тоа непосредно пред да удри во последната заштитна ограда, но поради недозволената брзина и недоволно ефикасниот систем за кочење, излетал со автобусот 5,5 метри под нивото на автопатот, се излизгал преку регионалниот пат Скопје-Тетово и се превртел на покрив на земјена и тревна површина покрај патот.
Ценејќи дека постои опасност од бегство на осомничените и дека нивното присуство во текот на кривичната постапка не би можело да се обезбеди со поблага мерка, надлежниот јавен обвинител до основниот суд во Скопје доставил и предлог на сите шесттемина да им биде определен притвор, наместо куќен притвор.
Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со истиот настан, денеска поднесе и обвинителен предлог за едно лице за несовесно работење во службата. Овој обвинет, како одговорно лице во правното лице, било задолжено да врши проверка и контрола над работата на тахографот во автобусот, но тој иако утврдил дека постои вграден уред за манипулација на апаратот, издал потврда и пополнил налепница со која ја потврдил исправноста и сообразноста со законски пропишаните барања. На овој начин тој очигледно несовесно постапил при вршењето на своите овластувања и овозможил на фирмата-превозник и на одговорното лице во неа да поседуваат доказ за исправноста на тахографот.