ПО ПРИЈАВИТЕ, ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА И СО БАРАЊА ЗА ИЗЗЕМАЊА

2693

Судијката Неделкова до Судскиот совет поднела четири барања за изземање поради евентуална пристрасност при одлучување. 

Три барања се однесуваат на членови на Судскиот совет, за кои таа поднесе кривични пријави, а четвртата на лице кое е во блиски односи со нејзин адвокат

 

Само неколку дена по поднесувањето на крививични пријави за тројца членови на судскиот совет, односно за претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев и членките Гордана Спиреска и Весна Дамева, екс-претседателката на скопскиот кривичен и на Врховниот суд, судијката Лидија Неделкова, минатата недела, поднела и барања за нивно изземање.
Лидија Неделкова, минатата недела, до Советот поднела три барања за изземање на споменатите и уште едно барање за лице кое не е опфатено со поднесените пријави.
„Во врска со постапката која се води против мене пред Судскиот совет за утврдување на одговорност……барам да се изземе од учество и постапување членот на судскиот совет – претседателот Киро Здравев, бидејќи против истиот е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување, во врска со нејзиното постапување во овој предмет, што покажува дека би бил пристрасен при одлучување во предметната постапка“, се вели во барањето за изземање, чиј текст е идентичен со барањата за изземање и на членовите Гордана Спиреска и Весна Дамева.
Судијката Неделкова, до Судскиот совет има поднесено и четврто барање за изземање кое се однесува на уште еден член на Советот, но за ова лице е наведено дека е во блиски односи со еден од нејзините адвокати.
Со оваа барање таа најверојатно сака да избегне евентуална пристрасност при одлучувањето, иако таа пристрасност може да е во нејзин прилог.

Со најновите барања за изземања постапката која се води против Лидија Неделкова, а којашто ја иницира сега веќе разрешениот Јово Вангеловски како некаква негова лична одмазда, влегува во нова фаза.
Како што сега стојат работите сега ќе треба да се причека на одлука на Обвинителството по прашање на кривичните пријави, а дури потоа и став по однос на тоа дали и како ќе одлучува Судскиот совет за барањата за изземање и дури потоа и за самата постапка.
Како што веќе пишувавме, случајот на Лидија Неделкова доби „гласност“ само кратко време по разрешувањето на екс-претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, односно откако Неделкова го пријави за злоупотреби во работењето, по што тој беше разршен од судиската функција. Но, токму Вангеловски, на први април 2019 година, ќе поведе иницијатива за разрешување на Неделкова.
Некаде кон крајот на август минатата година беше донесена предлог-одлука за запирање на постапката против Неделкова. По не цели два месеца, односно во октомври минатата година, на седница на Судскиот совет, предлогот не е прифатен и без потребен број на гласови тој се враќа на доработка.
Педантните хроничари на настаните поврзани со работата на Судскиот совет се сеќаваат дека на предлог на Јово Вангеловски, беше разршен судијата Јордан Митриновски, во моментите додека тој ја извршуваше функцијата претседател на Апелациониот суд во Скопје.
Судијата Митриновски правдата ја доби во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), но тој се уште чека на морална сатисфакција од Судскот совет кој само треба да потврди дека бил неправедно разрешен од судиската функција.

(Љ.С.)

Спонзорирано