ПО ОСУМ ДЕНА ПРИТВОР ЗА ТРОЈЦА ПРИПАДНИЦИ НА ЗАТВОРСКАТА ПОЛИЦИЈА

191

Обвинителството побара, а судот одобри мерка притвор за тројца припадници на затворската полиција кои беа придружба на осудениот Беким Мемети, на пат кон болница, а кој, пак, успеа да им побегне.
Како што информираат од Обвинителството, надлежен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК, во текот на вчерашниот ден, постапувајќи по пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, презел истражни дејствија против четворица припадници на затворската полиција. Обвинителството цени дека постои основано сомнение дека сега осомничените: командир на надворешно обезбедување и тројца затворски полицајци вработени во КПУ Затвор „Идризово“ сториле кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода, согласно член 373 а во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Осомничените, по претходни насоки на првоосомничениот- командир, како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствијата што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега. Притоа ги повредиле сите процедури за спровод на осуденик кој издржува затворска казна за потешко кривично дело до здравствена установа. Па така, откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, пристапиле кон дејствија самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа“, се вели во службениот допис лиферуван од Јавното овинителство.
Оттаму и појаснување дека откако, во четвртокот навечер, Беким Мемети се самоповредил, дежурниот командир одредил кои затворски полицајци треба да го спроведат во здравствена установа и кој каде да седи при спроводот.
„Надвор од правилата, осуденикот бил сместен во средишниот дел на возилото. Второосомничениот дал насока за рутата и возилото се упатило кон Скопје преку автопатот од Петровец кон Скопје. Кога се приближиле до бензинска пумпа на ‘Лукоил’, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола. Третоосомничениот, кој патем бил без оружје, иако сето тоа го следел не презел никакво дејствие за да го спречи осуденикот да го репетира пиштолот и да започне да пука низ возилото барајќи да го сопрат возилото, при што го повредил возачот и возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво „ауди“ кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе“.
Заради натамошно непречено водење на кривичната постапка Јавниот обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложил на тројца осомничени да им биде определена мерка притвор, а за четвртоосомничениот да се изречат мерки за обезбедување. Предлогот бил прифатен и на затворските полцајци им е изречен краткотраен притвор во траење од по осум дена, а на четвртоосомничениот му се изречени мерки: забрана за напуштање на живеалиште и(ли) престојувалиште и времено одземање на патна исправа.

Спонзорирано