Петмина осомничени за грабнување, тројца се уште недостапни за органите на прогонот

273

Киднапирањето кое се случи на, на автопатот Скопје-Тетово, на самата наплатна рампа кај село Глумово, на осми овој месец влезе во фаза на поведување на кривична истрага со која се опфатени пет лица. Од Јавното обвинителство потврдуваат дека се работи за лица на возраст од 32, 36, 27, 34 и 30 години, кои, по претходен договор, извршиле грабнување на едно лице со намера да го присилат неговиот автомобил „Масерати“ да го префрли на име на еден од киднаперите.

„На 8 септември околу 22 часот, на автопатот Скопје-Тетово, на наплатната рампа кај село Глумово, по насоки на првоосомничениот и петтоосомничената, останатите тројца осомничени лица му го пресекле патот на оштетениот со возило ‘ауди А3’ и физички го нападнале, удирајќи го со тупаници и клоци по целото тело.

Насилно го внеле оштетениот во неговиот автомобил и го однеле на автоплац во селото Кондово во сопственост на првоосомничениот. Кога стигнале на плацот четворицата, во присуство на петтата осомничена, продолжиле физички да го малтретираат оштетениот, удирајќи го со тупаници, клоци и со каиш.

Поради наводен долг од 20.000 евра тие го натерале оштетениот да влезе на совозачко седиште во автомобил ‘БМВ Х5’ и го однеле во нотарска канцеларија во Тетово каде го присилиле да направи договор со кој неговиот автомобил ‘масерати’ го префрлил на име на првоосомничениот“, се вели во писмениот допис на Обвинителството од каде потврдуваат дека двајца од осомничените се лишени од слобода и за нив е поднесен предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можноста да влијаат врз сведоци или, пак, да го повторат делото.

По останатите тројца осомничени се уште се трага и по нивното пронаоѓање и лишување од слобода и за нив ќе следи предлог за определување мерка притвор, а по основ на поведена кривична истрага за сторено кривично дело грабнување.

Спонзорирано