„Парацетамол“ за грип и болничко пире за Бојан Јанев!

2324

Бојан Јанев не заслужува да е во притвор, оти таму нема „светски реномирани“ лекари кои би се грижеле за него, како што за него се грижи неговиот адвокат

 

Љубиша Станковиќ

 

Знаев! Не, не претпоставував, туку знаев дека ќе биде така како на крајот и излезе! Знаев дека она што со денови наназад, како прес-конференција, го најавуваше еден адвокат, не може да не заврши така како што заврши, бидејќи ако не му успеа со кафана, тогаш му успеа со хотел. Упорност е тоа! Башка се работи за клиент и тоа не било каков, туку за болен! Затоа човекот и сакаше да зборува. Да се знае! Се да се знае за негови штитеник…
Можеби здравствената состојба на Бојан Јанев алиас Луј Витон е серозно загрижувачка, ама ако го лекува адвокатот добрно не му се пишува, оти тој лекува грип со „парацетамол“? Дали си завршил човекот медицина, додека патувал од неговата канцеларија до Градската болница? Дали научил дека вируси се убиваат со антибиотици! Ништо од ова не е познато, но сега е познато тоа дека на таа „клиниката за ааааа….за…аааааа…за“, работеле се лоши луѓе кои се потсмевале со сексуалната определеност на пациентот Бојан Јанев и затоа за сите нив адвокатот ќе поднесе кривични пријави. Мислам дека неговата огорченост е уште поголема, но само ако се спомене Јавното обвинителство? Да сум јас на негово место би им поднел кривични пријави не само не обвинителите кои го водат предметот на неговиот клиент, туку на сите! Без исклучок! Добро сега, пријавата и не мора да биде прифатена, но таа самата по себе ќе биде предмет за потсмев на глупоста, ама во исто време ќе остави трага и за поднесување жалба до судот во Стразбур! Јас така, а тој како сака…
Инаку, немав и се уште нема дилема дека човекот знае медицина, бидејќи самиот потврдува дека работи исклучиво со медицинска документација. Значи ништо напамет! Човекот каже и тоа дека се залага за „владење на правото“, но кога на обвинет-пацинет не му се нуди замена за кревет во „Шутка“ со болнички кревет како „поблага мерка“, тогаш навистина се пречекоруваат овласувањата на Јавното обвинителство. Во болница можеби и служат пире, ама ако болницата се замени, на пример, за „Мериот“ или „Хилтон“ тогаш не мора да се јаде пире, туку некои други, многу поегзотични јадења?
Инсистирањето на адвокат да биде точно пренесен и не му…..ааааа….оди……аааа….во прилог. Непара, има течна мисла и затоа инсистира на точно пренесување? Или, пак, нема течна мисла? Патем, како да го разбереш коментарот од типот: обвинетиот е многу болен, никој не види грижа за тоа, ама на лекар го носеле 30 пати? Јас го разбрав дека на притворениот му било тешко, а овие не го пуштале да оди на лекар? Или го пуштале секогаш кога ќе побарал медицинска помош? Не знам! Изгледа дека не само што немам одговор, туку и не сум разбрал најдобро? Или, пак, така било кажано: да не можеш да извадиш никаков логичен заклучок? Врпочем, тоа не е ни важно. Важно е човекот да оздрави и да си дојде на судење!
Иако на претходната „теза“ немам никаков заклучок, сепак ја поддржувам одбраната и мислам дека нејзините барања треба да се во насока на обезбедување на затворско комбе исклучиво за неговиот клиент и тоа возило да му биде на располгање 24 на ден, секако со посебен возач и со полн резервоар! Возач, ете, не мора да е некое\некоја личност од јавниот живот! Ете, не мора да биде ни водителка! Значи може да е лице со положен возачки испит. Инаку, не сум баш сигурен во тоа дека обвинетиот пациент не заслужил „медаља“, како што вели неговиот адвокатот, ама тој еднаш веќе предложи орден да му се додели на еден друг негов клиент, кој, пак, заради „финоќа“ беше осуден, чинам, на безмалку две децении затвор. Добро сега, адвокатот, пред да започне да го брани не се залагаше за него и за ордени, туку препорача итна апсаана, а имаше други предлози кои се надвор не од правото, туку и од умот! Впрочем, и јас сум за тоа на Јанев да не му се врачува никаква „медаља“. Кога човекот ќе оздрави самиот ќе си купи и тоа не една, туку повеќе и сите ќе бидат брендирани! Кога човек има пари колку што Јанев успеал да изрекетира, сосема е нормално да му се згади од одрен или „медаља“ купена на некоја од уличните тезги во Скопје. Ма со тие пари ќе ти се згади и од помислата на пире, макар било гарнирано со ќофтиња.
Туку, мене нешто друго ме мачи: Ако, нели, знаеш каде и што го боли клиентот, ако знаеш дека треба да јаде пире и слатко, зошто ништо не знаеш што бидна со стотиците илјади евра?